речник контакт

Властимир Ристовски поштарот од Распеани Велешани

Властимир е голем вљубеник во велешката песна а 39 години разнесувал пошта и потпевнувал

Петар Печков

Животниот пат на велешанецот  Властимир Ристовски е преплетен со постоењето на составот ,,Распеани Велешани,,   Тој е најстар член со најдолг стаж, со полни четири децении во ансамблот кој постои 43 години. Властимир е голем вљубеник во велешката песна. Кога во далечната 1974-та за прв пат ги забележал Распеани Велешани, решил и тој да им се приклучи.

Снимаа  емисија за на телевизија, кај Долни дуќани. Со војни чамци ги пренесуваа  по Вардар и тогаш ми паднаа во очи дека има ваков состав, кој работи и пее. Беа убаво облечени,   мажите со костими, жените со убави фустани. Така и јас се зачленив, и цели четири децении сум нивен член – вели Властимир кој со неговите 77 години е највозрасниот во ансамблот.

Ги помни сите настапи кои биле бројни, н и низ некогашна Југославија   но и во Македонија. Своевремено имале по 25 концерти годишно, за сега да имаат по 10-тина во текот на годината. Настапуваат каде ќе ги поканат. Репертоарот им се најчесто велешки традиционални песни.        

Имаме на репертоарот од околу 150 песни,  повеќе се велешки има и  некоја  стара македонска. Поголемиот дел пренесени од дедо, баба, ги знаеме наузис. За некои песни треба да се  потсетиме, оти не сме ги пееле 20- 25 години, ама штом ќе запееме малку, веќе ја знаеме, тогаш бргу оди. Сега обновуваме некои  постари, кој ги бара публиката, тие ги пееме – објаснува Ристовски.

Имаат песни и за грнчарите, и за Апостол Солев,  пеат за  велешките маала Којник, Бузаана, некои и помалку познати како  ,,Насред Којник едно дрво јаворово,,.  Публиката  најмногу ги бара песните   од велешко поднебје, ,,Што ми е мило и драго сејмен да шетам низ  Бузаана,, Ај што убаво одат велешките моми,,. Тој се гордее што има заедно настапувано со легендата на велешката песна, има свирено и со Ало Тончов.

 Се гордеам што  му ја носев виолината,  не се срамам. Ало Тончов беше прочуен во Македонија. Ни даде заклетва  кога ќе почине со песна да го испратиме,  сите да плачат а ние да пееме. Го испративме со ,,Што ми е мило ем драго  на Којник дуќан да имам,, - додава Ристовски.

Составот ,,Распеани Велешани,, е формиран 1972 година. Секаде каде настапувале одлично ги примале, со отворено срце, со добредојде, со аплаузи ги пречекувале и испраќале. Помни како биле пречекани во Јајце, Дрвар, а пееле и  на  воената  база Кадињача, ама  таму биле многу силно чувани  од војската, оти биле воени магацини а пееле на воено одморалиште. Властимир велешани го знаат и како Поштарот, оти цел работен век, 39 години разнесувал пошта, но и потпевнувал. 

Кога носев пратки по дома, се случувало да  има именден, роденден, па ќе  ме викнат внатре, па ќе запеам. Така многу семејства сум развеселил. Сум свирел и на селски слави и свадби. Сите ќе се соберат сред село и јас ги веселам  – се присетува Ристовски.

Тој започнал да свири на шупелка, па на кавал, свирел со уста, продолжил на кларинет. Знае на овие инструменти многу ора и песни. Така неодамна, кога бил в о родното Нежилово,  кога го виделе од блискиот рибник го препознале,  го собрале да настапува за бројните гости.  За Властимир музиката е се во животот, таа го исполнува, го прави среќен. Настапите со ансамблот ,,Распеани Велешани,, кој брои 11 жени и 9 мажи пејачи, се посебно задоволство. Иако ниту тој ниту било кој друг од составот добива материјален надомест, тие се верни. Љубовта кон песната е пред и над се. 

Порано во време на Југославија можеше д се случи да добиеме некоја пара, сега ни кафе нема, работиме со ентузијазам, вежбаме по два пати неделно,  вторник и четврток, по саат и пол, до два. Ама не  се откажуваме  -  додава Ристовски.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »