речник контакт

Глодачи ги нападнаа велешките ниви

Градинарите велат огромни глувци големи по 10 кг, стручњаците објаснуваат, тоа се нутрии

Петар Печков

Наезда на глодачи го уништи родот на велешките градинари. Додека тие објаснуваат дека се нападнати од глувци големи по 10 килограми, стручњаците објаснуваат тоа се нутрии.   Кои и да се, глодачите ги опустошија велешките градини. Месноста Речани, каде се одгледуваат раноградинарските култури е нападната од  овие животни. Земјоделците бараат спас, оти целиот нивен труд е пред уништување.

Три тони млад морков ми се уништени.  Чудо едно. Животни како глушец, со големина и  10 кг ги има. Има и мали но има и големи. Имаше и порано, ама годинава е масовно. Есеноска нападнаа кај брат ми подолу од мене, пет тони моркови изедоа,  сега се тука. Досега ми изедоа три тони млад морков. Почнаа и од младиот компир да јадат. Ми личат на големи глувци а што се кој знае, не дошол никој да ги види. Цели ноќи дежурам ги нема, ќе отидам до куќата, се враќам по некое време, тие веќе дошле и изеле дел од морковите. Тешко се ловат, нема таква клукса кој може да ги фати, многу се големи. Уште поголем пакос ни прават. Претходно беа кај брат ми, сега се тука, ќе завршат  кај мене па ќе продолжат на друго место. Затоа потребно да се најде некое чаре   – вели Светозар Караколев земјоделец од месноста Речани.

Објаснува дека овие животни живееле на блиското островче на Вардар, излегувале приквечер, кога се затемнува. Одлично пливале и ја минеле реката без проблем. Ги имало на стотина на островот. Се плаши дека целиот негов труд годинава ќе биде изеден.  Никаков отров не помогнал и не знаел што да употреби. Но овие глодачи не се присутни само кај него, ги имало по бавчите   по должината на  брегот на реката Вардар.   Овие глодачи се нутрии, објаснуваат стручњаците.

Станува збор за нутрии, кои од пред неколку години се доселија во Македонија. Ги имало на фарми на Северна Грција од каде некои примероци избегале. Брзо се размножуваат. Знам дека ги има во близина на Неготино и кај Дојран. Еве сега се населиле и во велешко.  Спаѓаат во фамилијата глодачи. Нема никаков начин да се  уништат или заштитат. Тоа е нивниот начин на живот и исхрана – објасни проф. д-р  Владимир Малетиќ од Шумарскиот факултет од Скопје. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »