речник контакт

За последниот барабанџија во Велес, Коце Трајков

По завршувањето на војната се до 60-та година велешани вестите од градот ги дознавале од Коце барабанџијата

Петар Печков

Ако денес повеќето информации се добиваат преку електронските медиуми, не така  одамна, во средината на минатиот век, новостите се дознавале по чукањето на барабанот. Тогаш се читало пишаното  на глас. Во завршувањето на НОБ па се до крајот  нa  50-тите, околу 15-тина години, оваа работа ја работел  Коце Трајков, кај постарите велешани познат како Коце барабанџијата.

Тој бил последниот кој лично им ги соопштувал градските  новости  на сограѓаните.  Неговата животна прикаска ја раскажува неговиот син Никола Трајков, кого го најдов на ден пред да се замина, или врати, во Австралија, каде живее три децении.    

Ако ја вратиме историјата назад, по војната татко ми бил вработен во собранието (локалната власт)  во Велес. Тоа беше спроти киното, на центар.  Работеше како портир, ама првенствено работа му беше  да чита вести и оди со барабанчето.  Тој ги читаше вестите и информациите од градот.  Тако ми Коце  работеше и кога општината се префрли каде сега е Музејот, па потоа и каде сега е новата општинска зграда. Тој беше последниот барабанџија во Велес - се присетува Никола, кој има 76 години. Татко му оваа работа ја работел од 1946-та па се до 1959-та, кога започнал со работа  Радио Велес.   

Имаше определени места каде се читаа. Почнуваше од Којник па на Мегдан, па центар, па преку Вардар, Читкушева, Соколаана и така по ред.   Хартијата му ја даваа од Собранието, тој ќе ја свитка, ќе ја стави зад уво, ќе   ја стави капата и тргнуваше.  Барабанчето беше на собранието, не  знам каде заврши. Кога престана да чука го остави во општина а од таму каде понатаму, не ми е познато. Дали е во музеј, дали го фрлиле, не  ми е познато. Ама убаво ќе биде да се најде. Работеше од понеделник до петок - додава Никола.  

Татко му  Коце престанал да го  чука барабанот, откако започнало со работа локалното радио. Тогаш веќе немало потреба да се оди по улица и да се читаат вестите.  По ова Коце работел на информации во локалната власт.  Со гордост вели, дека сите во Велес, и старо и младо,  и мажи и жени и деца го знаеле Коце барабанџијата, а работата не му била тешка.

Татко ми ќе чукаше некое време, барабанот бие, народот се збира. Кога народот ќе го слушнеше звукот на барабанчето, знаеше што се случува и излегуваа од домовите, да слушнат што тој  ќе прочита. Тоа беа општински вести, важни за живеењето во Велес. Со неговата работа, не изгледа нас четири деца,   мене,  Панче, Перо   и Киро - вели  Трајков.

Живееле на познатата Бузаана, каде имале куќа, која и денес постои. Негова сопруга бил Магда од Ораовец, која несебично помагала го подигањето на семејството.   Во остатокот од времето Коце работел дополнително. 

Во слободното време, заедно  со Скакарот, со кого беа другари а тој беше служител во Св. Кирил школото, кршеа камења. Нив ги продаваат за изградба на куќи. И така помагаа дома во буџетот. Татко ми заедно со Скакарот, за Градска чистоќа, плетеа кошеви. Тогаш по  малите улици - сокаци, немало како поинаку да се собира ѓубрето, туку со магариња, кошевите на нив, и се одело од улица на улица.   Шталата  за магарињата беше до школото Св. Кирил, таму ги чуваа животните. Таму каде не можеше коли да одат низ градот,  одеа со магариња и така г о собираа сметот.  Материјал за кошевите, земаа од врбите, покрај Вардар - заврши Никола.

 Така и навраќањето на Коце барабанџијата, од кого велешани ги дознаваа новостите. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »