речник контакт

И во деветтата деценија од животот велешанецот доктор Јовев настапува со Езерки и 7-8

Освен музиката тој има голема љубов и кон кулинарството, издал брошура на три јазици со велешки специјалитети

Петар Печков

Меѓу бројните членови на пејачката група Езерки и ансамблот 7/8 е и велешанецот Кирил Јовев. Тој  свири на мандолина а ниту неговите 81 година од животот не се  пречка да настапува на сцената, да оди на турнеи, да свири  во составот кој во Хрватска важи за култен етно бенд. Езерки и 7/8 со леснотија ја полнат концертната сала Ватрослав Лисински, но и култната Творница,  имаат снимено дуети со големи хрватски ѕвезди со македонски народни песни.    Кирил Јовев е најстариот член во составот, еден од основачите на групата, заедно со исто т ака велешенецот Иван Качуров кој живее во Загреб.  Кирил Јовев е доктор, специјалист по општа медицина. 

На нашиот репертоар се бисери на народното творештво, по чија изведба сме познати во Хрватска и Балканот. Нашиот диригент Бруно Урлиќ  ги обработува песните на современ начин за да бидат пошироко прифатени. Свесни сме дека кога доаѓаме во Македонија е како да „продаваме“ македонска музика, како што велат велешани на бозаџија боза да му продаваш, ама успеавме да привлечеме внимание, публиката убаво не прифати - вели Јовев, кој е родум од Велес. Езерки и 7/8 имаа мини турнеја низ Македонија  со два настапи во Скопје и Велес. 

Иако родниот град го напуштил во 1952 г., преку музиката и гостувањето со „Езерки“ и „7/8“ ги одржува контактите со Велес и со своите блиски.

Во Велес имам и роднини и пријатели. Тука живеев до завршувањето на средното училиште. Заминав да студирам медицина во Загреб, дипломирав, па се вратив. Две и пол години работев во амбулантата „Панче Васков“. Бидејќи мојата сопруга е Хрватка, се вратив во Загреб да специјализирам и станав доктор по општа медицина. Останав да живеам таму, но моите контакти со сестра ми, внуците останаа и натаму. Еве сега се сретнав и со старите пријатели, соседи од Велес  - вели д-р Јовев.

Неговата допирна точка со музиката  започнува во детските денови кога посетувал основно музичко училиште а тогашниот директор Ратко Пајдаков го убедил да свири виолина, иако Кирил  сакал да свири пијано. Негови наставници биле ќерката на  Панче  Васков   Бојанка и  зетот Петар Попевски   Со нивното автентично исполнување на македонската народна музика Езерки и 7/8 се мошне популарни во Хрватска но и Балканот. Имаат настапено низ сите поранешни републики на Југославија.

Секаде одлично поминуваме. Може публиката не ги разбира  некои песни, текстовите, но ритамот ги крава на нозе. Така беше и во Трст, а каде случајно не доведе патот. Италијанците се воодушевија со  македонскиот фолклор, на нозе го отстоеја цел концерт – се присетува доктор Јовев.  

Објаснува дека имаат голем прилив на заинтересирани кои сакат да членуваат кај нив, па диригентот Урлиќ има проблеми да направи селекција.  Настапите на „Езерки“ и „7/8“ се полни со емоции, со многу песни и траат по два часа. На репертоарот се песни од сите краишта на Македонија, меѓу нив и т.н. патриотски „Море сокол пие...“ и „Кога падна на Пирина“ но и велешките ,,Се посврши  Сербез Донка,, и ,,Елено ќерко,,.

За нашите настапи долго ги одбираме песните за да оставиме што подобар впечаток. Во составот има луѓе на кои заедничка нишка им е да сакаат македонскиот мелос - вели Бруно Орлиќ, диригент на составот во кој има неколку Македонци но  и Хрвати и  Бугарин.

Незаборавно било дружењето со Радојка Шверко, со која ја испеале и снимиле  „Ајде слушај калеш бре Анѓо“, со Раде Шербеџија - „Море сокол пие“, а настапиле и со Масимо Савиќ, Нина Бадриќ и Лука Нижетиќ. Во 2003 година со Тоше Проески ја снимија „Со маки сум се родил“, а на последниот албум заедно со Калиопи ја изведуваат „Кажи, кажи либе Стано“. 

Езерки и 7/8 имаат снимено четири албуми три студиски и еден во живо и едно концертно ДВД. Сега за време на престојот низ Македонија снимаат документарец за нивната работа Езерки 20 години  а 7/8  15 години. 

За крај доктор Јовев ни открива и една мала негова тајна. Тој е голем љубител на кулинстството, готвењето. Затоа подготвил и мала брошурка со 20-тина рецепти исклучиво со велешки јадење. Таа ја отпечатил и издал на три јазика македонски, хрватски и  англиски. Сите илјада примероци биле разграбани од негови пријатели, загрепчани кои ја сакале традиционалната македонска кујна.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »