речник контакт

Интервју со Златко Арсов, кандидат за градоначалник на Општина Велес од „Левица“

Како ќе биде решен платениот паркинг, приодот до црквите во градот, како да се реши проблемот со дивоградбите по течението на река Бабуна, што со времените објекти во Велес, се дел од прашњата.

Петар Печков

ТрМр  ги интервјуира кандидатите за градоначалник на општина Велес. Тие одговараа на 12 идентични прашања.

Златко Арсов е кандидат на политичката партија Левица.  Тој е проф. доктор на Земјоделски факултет во Скопје, оженет, две деца, ќерка и син. Ќерката е специјалист физиотерпевт, вработена, но во странство. Синот е ученик средно училиште, насока - фармацевтски техничар.

„Сопругата дипломиран економист е невработена. Досега само мал период има работено на одредено време во различни фирми, но не на струката. За жал оваа држава не даде можност обичниот граѓанин да се вработи. Живеам во куќа која ја имам наследено од моите родители. Поседувам Ауди А4, 2007 годиште, купен пред неколку години на старо од автоплац“ - кажа Арсов.


1. Како платениот паркинг во Велес ќе биде решен во вашиот мандат?
За време на мојот мандат ќе постојат само неколку платени паркинзи. Во центарот пред судот, под саатот и врз гаражите пред сина и розе сала, само во работно време од 08-17 часот, сите останати ќе бидат бесплатни. Во случај со катни гаражи изградени од цврст материјал тие мораат да бидат платени, затоа што од нивниот приход ќе мора да финансира одржувањето и вработените.

2. Како да се застане на пат на дивоградбите во долниот тек на реката Бабуна, кога предлогот на новиот закон не предвидува нивно отстранување?
Дивоградбите го окупираа брегот на Бабуна и им го одземаа местото на излетниците и капачите. Искрено не сум запознат дали и со кој Закон треба да се постапи. Не знам дали има изработено некој ГУП или ДУП за долниот тек (од Пешти до вливот). Би постапил според сите можни позитивни законски постапки, со цел брегот да го вратам на излетниците.

3 Како ќе го решите сообраќајниот проблем за пристап до гробиштата на двете цркви во градот - Св. Пантелејмон и Св. Спас?
Според конфигурацијата на теренот и со оглед на фактот дека тоа се стари делови од градот со тесни улички, не преостануваат многу опции. За Св. пантелејмон останува делумно воведување на еднонасочен сообраќај. Истото може да се примени и за св. Спас. Но Св. Спас  има и друго решение. Тоа е пробивање на пристапен пат од улицата која води покрај вардар (кај Јаниташ) и со серпентиско искачувања да се дојде до јужната страна. Таму позади црквата  би се направил и паркинг во повеќе нивоа, следејќи ја конфигурацијата на теренот.

4. Какво решение имате за времените објекти?
Времените објекти како што кажува и самото име се со определен век на траење. Тие можат да бидат со различна намена (трафики, продавничиња, магацини, шупи, гаражи). Најпрвин би ги отстранил тие што најмногу сметаат на слободното движење на  пешаците, велосипедистите, пристапот кон одредни делови/целини (за амбулантни возила, пожарна возила за комунални дејности итн.) и воопшто на собраќајот. Исто така би ги отстранил и таквите кои со својот изглед, конструкција и квалитет го нагрдуваат просторот. Има времени објекти (стари и преку 40 години) кои од дете ги паметам и стојат на исто место.
5. Велес со години  нема фирма која ќе постапува со дивоградби, отстранување времени објекти. За колку време од вашиот мандат ќе се распише и најде  ваква фирма?
Да секако и таа постапка би ја започнал веднаш по стапувањето на позицијата на градоначалник. Постапката би била согласно законските основи со кои би располагал.

6.Општина Велес нема поднесено кривични пријави за дивоградби, прекршочни за непридржувањето кон утврдените места за плакатирање во избори, за фрлање на смет и градежен шут на јавни површини. Дали ќе го почитувате Законот или како досега ќе премолчувате за неговото кршење?
Ќе ги почитувам позитивните законски прописи. Особено ме лутат дивоградбите кои зафаќаат простор од улица, тротоар, зелен простор итн.

7. Спортската сала Гемиџии има констатирано недостатоци, поради кои во неа не може да се одржуваат меѓународни натпревари. За колку време од Вашиот мандат ќе ги отстраните и велешани да може да следат вакви настани?
Моите против кандидати се долго во институците на власт на локално ниво и имаат многу сознанија. Бидејќи немам детални сознанија не би можел прецизно да се изјаснам,  но секако постапката би ја започнал по стапувањето на мандатот. Не сакам да дадавам лажни ветувања.

8.Иако реконструирани трибините на Градскиот стадион, истите не ги исполнуваат критериумите за меѓународни натпревари. За кој периоди ќе ги отстраните недостатоците?
Одговорот е ист како и за претходното прашање.

9. Дали во Велес ќе се врати Питијадата, Вардарскатарегата, атлетскиот маратон, пречек на Нова година?
Да, секако. Тие се традиционални настани кои имаат намена за промоција на Велес, дружење на населението, создавање на заеднички дух.

10.  Големи средства од општинскиот Буџет се одлеваат за обесштетување на граѓаните поради каснување од куче, но и за нивна стерилизација и вакцинација. Дали сметате дека решение е прифатилиште и дали би го изградиле?
Во текот на претходната година околу песетина граѓани биле каснати од куче. Општината е тужена и се исплатени преку 15.000.000,00  ден оштети. Но, слушам сепак има многу поплаки од граѓаните. За прибирање, грижа, вакцинирање итн. Општината во текот на 2020 година има склучено договор со приватна шинтерска служба во вредност од околу 3.000.000,00 ден. Решение е изградба на општинско прифатилиште во кои тие би се вакцинирале, стерилизирале, одбележувале и вдомувале, согласно законските прописи за хумано постапување со животните.

11.Како планирате работи кино салата за прикажување на странски хит филмови, која е опремена и се наоѓа во зградата на Библиотеката?
Кино салата која се наоѓа во просториите на Библиотеката, сепак не е со некој голем капацитет. Во прво време би одел со тематски целини во соработка со Кинотека на Македонија. Нормално ќе се наплаќаат билети со цена која ќе биде достапна. Потоа според интересот за проекции би оделе и понатаму. Исто така доаќаат во предвид и одржување на фестивали на кратки и документарни филмови.

12. Колку улици каде има азбесни цевки, истите ќе бидат заменети,  во вашиот мандат?  (со број или процент).
Точно не ми е познато. Но таа акција мора да продолжи. За временскиот период не би можел да се произнесам, бидејќи не располагам со повеќе детали.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »