речник контакт

Итно потребно вработување на логопед во Велешкиот Здравствен дом

Во отсуство на вакво стручно лице, родителите децата со ризик ги носат во соседните градови

Петар Печков

Во Здравствениот дом од Велес итно е потребно вработување на логопед.  Четири години ова место е упразнето по смртта на претходно вработениот и сега нема можност за рана детекција на проблемите со говорот кај децата.  

Според статистичките показатели, во последните години, во велешко бројот на деца со проблеми во говорот е во постојан пораст.  Поради тоа  се поголем е бројот на  деца кои имаат потреба од логопедски третман.

Ова било причина и загрижените родители од двете општини Велес и Чашка да напишат петиција, со која се бара најбрзо решавање на недостаток на логопед во велешкиот Медицински центар.  

Потребна е навремена детекција, рехабилитација и превенција  на децата со проблеми во вербалната комуникација. Вклучувањето на логопед, како дел до стручниот тим во примарната здравствена заштита, односно навремената детекција, терапија и превентива, обезбедуваат психички мир кај детето, отсуство на паника и несигурност кај нас родителите. Тоа овозможува правилен развој на говорот кај детето и  подоцна детето да биде адекватно прифатено во училиште и околината – пишува во петицијата која е потпишана од голем  број родители.

Во состав на ЈЗУ Здравствен дом –Велес постои и функционира Службата за следење на деца родени со ризик и деца со пречки во развојот. Така секое дете родено со ризик,  по напуштањето на акушерското одделение, е следено од стручни лица педијатар, психолог, дефектолог, но четири години назад отсуствува грижата на логопед. Од велешкиот Здравствен дом, само кратко изјавија дека тие го информирале за овој проблем надлежното министерство.

Со неколку дописи и ургенции, укажавме на итната потреба од добивање на согласност за вработување на логопед. Чести се барањата на родителите на деца од велешко, кои имаат потреба од третман на логопед. Ние бевме единствената здравствена установа во која се вршеше логопедска дејност во поранешната Општина Велес – изјавија од ЈЗУ Здравствен дом Велес.  

Петицијата со која  родителите од поширокиот велешки регион, бараат вработување на логопед во Медицинскиот центар во Велес,  била  доставена и до Министерството за здравство, но и други државни институции.

И додека нема логопед во Велес, родителите на децата  кои имаат пречки во говорот се изложуваат на финансиски трошоци, оти мораат да посетуваат вакво стручно лице во соседните градови.     Како времено, но не и трајно решение, последниот месец во ЈЗУ Здравствен дом  Велес времено е ангажиран логопед.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »