речник контакт

Младиот кромид годинава има род, нема цена (фото)

Се откупува за Хрватска и Словенија

Петар Печков

Велешко Башино село  повторно оживеа, во тек е откупот на младиот кромид. Ова село е најголемиот македонски производител но и снабдувач на Словенија, Хрватска, Србија. Уште на самиот приод во селото,  ве пречекува мирис на млад кромид, оти ова е семеен бизнис, сите го работат. На влезот  бројни откупувачи ги чекаат  производителите. Годинашната цена е двојно пониска од лани, сега се откупува  за 20 денари за кг, минатата година цената беше 40 денари.  Цели фамилии се вклучени во оваа работа, која е основна егзистенција за целото село кое брои илјада жители. 

Годинава има многу род, ама нема цена. Поволните временски услови дозволија да има многу млад кромид. Тоа резултираше со ниска цена. Овој што се откупува за Хрватска  и Словенија оди по 20 денари за килограм додека   накупците од Скопје го земаат за 10 денари за килограм.  Каде можеме таму ќе го дадеме. Поарно тоа отколку да остане непродаден.  Годинава дел од родот ќе остане по нивите. Не можеме да превтасаме се да обработиме. Ова е мачна работа. Започнуваме во август, кога го сееме  а еве во април се продава родот. Од парите што ги земаме можеме огрев за на зимо да купиме. Ете толку е печалбата, не е исплатлива земјоделската работа – вели Ристе Бабуновски.

Тој е магистер, поранешен вработен во Порцеланка, стечаен работник кој за два месеци не го фатил условот за обесштетување. Така вели сега мора уште две години да работи со младиот кромид за да обезбеди егзистенција, додека се пензионира.  Младиот кромид кој оди за Словенија и Хрватска се носи во гајби кои тежат по 7-8 кг, додека тој што се купува за македонскиот пазар е во врзоп со тежина од 5-6 кг. Еден врзоп е едно евро.

Цела фамилија сме ангажирани. Сите се вклучени од утро до вечер. Сега е моментот да се наплати сработеното. Годинава има многу млад кромид и затоа се откупува по ниска цена. Брзаме се да сработиме до  Велигден и Први мај оти потоа никој не го зема – вели семејство од Башино село, чии десетина членови имаа по некој задача во дворот, за што побргу да го предадат родот.

Годинава за производителите е лоша вест што големиот верски празник Велигден заедно го слават и католиците и православните, на 20 април. Тоа за нив е пократок рок за продажба на младиот кромид, спротивно на годините кога тој е  на различни датум. Тогаш има подолг период за продажба.  Големиот шлепер со струмички регистарски таблички е на влезот  од селото. До него како на лента доаѓаат башиноселци и го оставаат младиот кромид.  Шлеперот се полни со 15-тина тони род и потоа заминува за Струмица

Откупот за Хрватска започна околу 28 март ќе трае до 15  април. Тоа е последниот рок оти потоа е Велигден а побарувачката е до овој празник. Во Струмица го доработуваме, пакуваме и таков се пласира во Хрватска и Словенија – вели откупувач од Башино село.

Попладнето дојде Хрватот кој со години го продава на тамошниот пазар, Дојде лично да се увери како оди откупот, каков е квалитетот. Не сакаше да зборува но рече дека младиот кромид од Башино село е  бренд во Хрватска и Словенија.  Малку подалеку од нив е откупувач од Скопје кој тука е секојдневно со два камиони. Објаснува дека албанскиот млад кромид влијаел на  ниската годинешна цена.

Јас сум тука 25 години, откупував и  кога ги немаше Хрватите. Да не се заборави тие откупуваат 2-3 седмици, а јас од 15 февруари до 15 мај. Сум земал по 700 снопа дневно на времето а сега само 400. Пазарот во Косово се затвори оти таму се носи од Албанија, така што за велешкиот нема пазар во Приштина – вели откупувач од Скопје.

 За илустрација годинава врзоп на млад лук се откупува за 100 денари, додека само пред 3-4 години цената била 10 евра.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »