речник контакт

Одбојката во Велес почнала да се игра 1936-та година

Годинава одбојкарскиот клуб Борец слави 60 години постоење

Петар Печков

 Почетоците на одбојкарскиот спорт во Велес датираат од 1936-та година, кога започнале да спортуваат велешките гимназијалци.    Најголем поклоник и поддржувач бил  тогашниот директор на Гимназијата извесен Поповиќ.

Тој ја донел првата топка и правилата за овој спорт во Велес а дел од гимназискиот двор го пренаменил за  одбојкарско игралиште.   Поставил два дрвени столба а мрежата била исплетена од велешки ортомџија,се играло по правила кои и денес се без малку идентични. Ова се сеќавања запишани од тогашен ученик а подоцна и член на училишната екипа Орце Смилев.  

Веќе наредната 1937-ма  година почнале да  се одржуваат меѓу класни натпревари а победникот се здобил со право да игра со најдобрата скопска Гимназија. И за чудо  велешани победиле на турнирот во Скопје, со што се стекнале да играат  на турнир на  ученички екипи во Ниш, од тогашното Кралство на Југославија.

Нема информација како велешани резултатски минале таму, но се познати имињата на дел од тогашните одбојкари –гимназијалци: Киро Ацков, Везелиќ, Стеван Габер, Љубо Зафиров, Боро Мокров, Орце Смилев и други.

Така одбојката зема замав, станува популарна, ја гледаат повеќе велешани и се игра на нов терен. Тоа е на игралиште пред Мало мовче, од страната на Гимназијата а дел од мовчето се користи како природна трибина за публиката и минувачите да го следат овој спорт, кој кај велешани добива име ,, игра со која топката се префрла преку мрежата,,.    

По ослободувањето  1945-та одбојката во Велес  станува се помасовна. Поради тоа освен теренот кај Мало мовче се гради уште еден, пред западните трибини од Градски стадион. Мрежата е поставена на два антенски столбови, што од село Отовица ги донел подоцна познатиот одбојкар Живко Тодоров.

Таа година по студено време на 22-ти декември се одржува и првиот одбојкарски турнир, а во чест  на Денот на армијата. Наредната 1947-та година, велешките одбојкари  како градска репрезентација,  учествува на Првенството на Македонија, кое се одржува во  Битола а се игра турнирски.    

Така било и следните  години. Тогаш репрезентацијата на Титов Велес   ја сочинувале: Живко Тодоров –капитен, Тодор Гравчев, Петар Костовски – Перула, Дико Димов, Асенчо Палашев, Благој Ристов, Томислав Босилков  и други незапишани спортисти.

Во  1949-та година велшките одбојкари се натпреваруваат под името,,Железничар,, и на турнирот на железничарските екипи  се најдобри, во финалето го победуваат скопски ,,Работнички,, со 3:0. Затоа подоцна учествуваат во Љубљана на турнирот организиран по повод 100 години од Југословенските  железници.  Нема податок каков резултат оствариле.

Во наредните години 1950/55-та  година, велешките  одбојкари се вечно втори на републичките првенства, зад скопјани. Во овој период членови на македонската репрезентација се двајца велешани Живко Тодоров  и Благој Кузев. Во 1950-та година Благој  Ристов завршува семинар за судии во Чаковец и тој е првиот одбојкарски судија во Велес.    

За одбележување е и податокот што во 1951-та година, младата градска одбојкарска  екипа, која настапува под името ,,Партизан,,  учествува на државно првенство во Белград. Стигнува до полуфиналето и завршува како четврта во Југославија. Дел од составот биле: Васил Најденов, Љубе Темелков, Ѓорги Тасев –Поро, Александар Варналиев, Коче Иванов – Вукас, Боре Поп Ѓорчев, Благој Коцев и други. 

Текстот е според документ од 1977-та година, кој е презентиран на градска свеченост, за  велешката одбојка. Сопственост на Никифор Смилев а пишуван по сеќавања на некои од тогаш живите одбојкари.   

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »