речник контакт

Под закани за убиство со пушка, киднапирал и ограбил

Ибрахимовиќ негира дека е виновен

Петар Печков

Киднапирањето и разбојништвото за кое е  обвинет Енедин Ибрахимовиќ, драматично го раскажаа во Основен суд Велес сведоците од настанот.  Две девојки и момчиња биле заплашувани со  пушка а истрели фрчеле околу нив.

Ибрахимовиќ заедно со друго непознато лице на  4-ти септември 2015-та од  3 до 3,30 часот сторил четири кривични дела, грабнување, разбојништво, предизвикување општа опасност и одземање моторно возило.  

Сведоците до детали се сеќаваат на морничавата ноќ, кога под закана дека ќе бидат убиени биле заплашувани,  едни да го дадат автомобилот  други парите од касата. Бидејќи сторителите биле масирани со фантомки   сведоците не беа во можност да го препознаат сторителот, освен едно од момчињата.     

Мислам дека овде присутниот обвинет, беше еден од сторителите. Зборуваше на бошњачки, другиот на албански и тој беше многу нервозен.  Еден од нив со пушка во тилот ме тераше од Раштани, да возам низ град се до бензинската на Башино гас. Ми се закани дека ако полиција ме сопре, не смеам да застанам,  ако не` ќе ме  пука.  Во еден момент од возењето со кундакот ме удри во главата – рече Филип Јанков.   Тој се неговата девојка биле киднапирани околу 3 часот близу селото Раштани. 

Кога сопревме со пушка не истераа од колата. Бараа од нас да влеземе во гепекот. Јас имам страв од затворен  простор и негодував, Филип се  спротивстави. Тогаш истрелаа повеќе куршуми од пушката во земја, куршуми летаа околу нозете. Се смилуваа и не` седнаа во кола. Кога стигнавме на Бензинската, го земаа клучот од колата но заборавија да не заклучат. Под стрес излеговме некако и по трња избегавме до реката Вардар, која е близу и повикавме полиција– објасни Стефани Николова.  

Половина  час  траел пеколот за овие млади велешани, кога доживеале силен стрес, биле преплашени. Откако биле киднапирани и под закана со пушка обвинетиот Ибрахимовиќ и непознатото лице околу 3,30 ч. стигнале до  бензинската ,,Башино  гас,, близу мостот кај Башино село.  Двајцата  млади вработени 10-тина минути биле под канонада од истрели и закани за убиство.

Втрчаа двајца  и  викнаа ова е разбојништво, давај  парите. Едното лице викаше убиј ги- двајцата. Му ги дадов парите од касата и дневниот пазар од претходната смена, вкупно околу 40 илјади денари. Кога се видеа на мониторите почнаа да пукаа во нив и во касата и во стаклото од  излогот. Испукаа седум истрели, влегоа во колата и побегнаа – рече Пепи Анчевски вработен во бензинската. Со него таа ноќ во смена била и колешката Сања Ангелова.

Ми се закануваше со пушката да ги дадам парите. Викаше ќе ве убијам, имаше пушка во раце. Откако ги земаа пукаа и избегаа а јас истрчав до директорот, кој има куќа близу бензинската да му кажам дека бевме нападнати  и ограбени – изјави Ангелова. Сопственикот на бензинската Венко Митревски пак ги следел сторителите.

Влегоа во автомобил опел астра, сребрена  боја.  Беа 3-4 минути пред мене. Колата ја видов кога беше оставена пред наплатна рампа кај Градско. Не можам да кажам кои беа сторителите, оти ги гледав од далеку, само силуети. Следниот ден се распрашував кај некои луѓе и тие ми посочија дека сторител е извесен Енедин, сега обвинет кој бил избеган од  затвор – сведочеше Митревски.  Обвинетиот Ибрахимовиќ (37 год) негираше дека го сторил делата за кои се товари. Тој дури и услови.     

Нека ми ја симнат казната од девет години за пушката ќе кажам од кого ја   купив. Јас не сум виновен – рече луто откако го слушна обвинението и удри на маса.  

Енедин Ибрахимовиќ од велешко Горно Оризари, меѓу другото лежи затвор од  15 години за вооружениот грабеж на менувачница во Велес која се случи три дена по грабнувањето и киднапирањето за кое сега му се суди.  Токму пушката со која го изведе вооружениот грабеж во  менувачницата го издала Ибрахимовиќ и го товари дека тој  е сторител на новите дела.   

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »