речник контакт

Пролетно чистење на Велес, собрани 500 кубици смет (фото)

Деновиве се чистеше на две локации, езеро Младост и покрај Битолска пруга. Останува уште да се исчисти брегот на реката Вардар

Петар Печков

По отстранувањето на стотина камп приколки од зелената површина на Езеро Младост, глетката беше поразителна. На просторот имаше купишта комунален отпад и расфрлен градежен шут. Општината заедно со ЈКП Дервен ја исчисти  дивата депонија каде беа камперите, како и крајбрежјето.

Сега повторно на езерото и на граѓаните им ја вративме природата. Останува во иднина сите повеќе да се грижиме за овој природен бисер и да не дозволиме повторување на оваа состојба, посебно за првомајските празници – велат од локалната власт.

Истовремено се чистеше и  брегот на железничка пруга Велес -Битола, на потегот надвозник “Жито Вардар”- Kомплекс УЗУС од двете страни на пругата. Таму било  утврдено постоење на дивa депониja со комунален отпад, кој беше расфрлан по брегот лево и десно по целата должина на пругата од стотини метри. И овде се изврши чистење од отпад, гранки, неорганизирано зеленило.           

Граѓаните минувајќи покрај овој простор коментираат дека вакво чистење не паметат од седумдесеттите години на минатиот век. Иако се работеше во отежнати услови, на голема косина и во непосредна близина на железничката пруга, нагрдениот и неуреден простор е успешно исчистен – објаснуваат од општина Велес.

На овие две локации велешките комуналци собраа 500 кубици смет, 280 на езеро и 220 покрај пругата. Останува да се исчисти уште брегот  на реката Вардар од Железниот мост па до Долни дуќани, каде несовесните граѓани го фрлаат ѓубрето, наместо во контејнерите. 

АНКЕТА »

На што се греете зимава?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »