речник контакт

Промовирани шест книги со Брајово писмо за лица со попреченост во видот

Тие се наменети за околу 2,5 илјади лица во Македонија. Книгите ги издаде Здружението на слепи лица од Велес и се дел од Брајовата библиотеката ,,Ратко Пајдаков,,.

Петар Печков

Шест книги на македонски автори  отпечатени со Брајово писмо, наменети за лицата со оштетен вид, беа промовирани во Народната библиотека во Велес.  Тие се наменети за лицата со попреченост  во видот а нив во Македонија ги има околу 2,5 илјади.  Книгите ги издаде Здружението на слепи лица од Велес и се дел од  Брајовата  библиотеката ,,Ратко Пајдаков,,.          

 Слепите лица и лицата со оштетен вид до пред некоја година имаа  проблем да можат на македонски да читаат дела на Брајово писмо. Читаа дела на српски или бугарски јазик. Затоа се решив да  им овозможам да читаат и на мајчин, македонски. Започнавме со ентузијазам, издававме наш весник потоа набавивме машина и дојдовме до библиотека од 17 книги, но тука, не застануваме, секоја година ќе го збогатуваме скромниот фонд на книги со Брајово писмо на  македонски  -рече Тони Пајдаков секретар  на Здружението на  слепи лица до Велес.

  Книгите се отпечатени на Брајов печатар, кој беше набавен минатата година со средства од Општина Велес. Така се создадоа услови за печатење на книги со Брајово писмо, кои се наменети за лицата со оштетен вид.  Едицијата досега брои 17 книги, заедно со вчера промовираните како и  една аудио книга на македонски, исто така  наменети за оваа категорија лица.  Шесте книги се издадени со помош на Маркетите Жито,  Леов компани и од продажниот саем  на храна  на учениците од ОУ Блаже Конески.

 Бидејќи печатењето на овие книги е скапо, печатени се по 10 примероци, од кои пет ќе бидат доставени до  Универзитетска библиотека во Скопје, една во Локалната библиотека во Брајовото катче а останатите четири се на располагање на слепите лица од  Македонија.  Тие се доставуваат до заинтересираните, кои имаат обврска да ги вратат.  

Промовирани беа книгите ,,Печалбари,, од Антон Панов,  ,,Бегалка,,  и ,,Чорбаџи Теодос,, од Васил Иљоски,  ,,Парите се отепувачка,, од  Ристо Крле, ,,Пустина ,, од Горги Абаџиев и  ,,Три секунди,,  од Игор Крајчев.   Директорот на велешката библиотека вели дека  за овие книги има интерес и се читаат. 

Постои интерес за книгите печатено со Брајово писмо, на македонски јазик. Здружението на слепи лица ги зема од кај нас, ги доставува дома до овие читатели и потоа ги враќаат назад. Бидејќи се работи за мал фонд, сите се прочитани и потребно е да го прошириме и збогатеме со нови наслови   - изјави директорот Игор  Крајчев.

Тој најави дека до Министерството за  култура, за следната година конкурирале за проект  за одобрување на средства за издавање на повеќе аудио книги и на тој  начин да  ги задоволат барањата и интересот  за лицата со попреченост во видот .

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »