речник контакт

Рацин ги поттикнува исконските човечки пориви – да се восхитуваме пред убавината, да ја обожаваме самата состојба на вљубеност, да го воспеваме своето родно поднебје, својот народ

Тритомно дело за животот и делото на Кочо Рацин беше промовирано денес во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ)

Петар Печков

Рацин ги поттикнува исконските човечки пориви – да се восхитуваме пред убавината, да ја обожаваме самата состојба на вљубеност, да го воспеваме своето родно поднебје, својот народ

Тритомно дело  за животот и делото на Кочо Рацин беше промовирано денес во  Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).  Рацин е основоположник на современата македонска литература и борец за македонската самобитност и социјална правда. За академик Катица Кулафкова, која е главен редактор на ова издание, Рацин изворно ја доживеал македонската национална драма и можел да ја опее нејзината суштина на наш начин.

„Зошто е важно да се чита Рацин денес? Затоа што Рацин ги поттикнува исконските човечки пориви – да се восхитуваме пред убавината, да ја обожаваме самата состојба на вљубеност, да го воспеваме своето родно поднебје, својот народ и своето духовно и материјално наследство, а истовремено да бидеме отворени спрема светот онака како што тоа го има кажано самиот Рацин во своите бесмртни стихови од песната ‘Татунчо’: ‘Ако куќа не направив со високи шимшир порти, куќа цел свет братски ми е’. Затоа што Рацин бил страстен човек, но и надарен поет, бескомпромисен борец за правда и бранител на угнетените, рафиниран мислител и пасиониран истражувач на идеолошките матрици… хуманист и футурист, македонист и интернационалист“ - кажа редакторот на тритомното издание Ќулавкова.

Ова  ново издание на МАНУ се осврнува на поезијата, прозата, публицистиката и животописот на Рацин, а е објавено 38 години по претходното, шесттомно издание.

Едицијата се состои од три тома подготвени минатата година, во рамки на научно-истражувачки проект на МАНУ: Поезија (прв том приреден од проф. д-р Венко Андоновски); Проза и публицистика (втор том приреден од проф. д-р Искра Тасевска Хаџи-Бошкова); и Животопис на Рацин (трет том чиј приредувач е проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска).

Академик Живко Попов, претседател на МАНУ,  истакна дека новата едиција е „добредојде од МАНУ за Рацин“ зашто, рече, се појавува по 38 години од последната истражувачка публикација за него, објавена во 1987 година.

„Со оваа тритомна едиција е направен голем исчекор во доближувањето на богатиот и разновиден книжевен опус на Рацин до македонската научна, културна и образовна јавност. Ова е единствено издание кое ја претставува интегрално поезијата на Рацин од нејзините почетоци до крајот, потоа првпат ја претставува севкупната засега достапна проза и публицистика на Рацин во оригиналните верзии во превод и во адаптација на современиот стандард на македонскиот јазик и на крај, во третиот том, прави ново хронолошко и наративно исчитување на животот на Рацин. Сите томови се придружени со предговор и со обемни и темелни поговори, особено првиот и вториот том. Колегата Венко Андоновски е автор на поговор кој претставува цела една книга за Рацин. Обемен и детален е и поговорот на професорката Искра Тасевска Хаџи-Бошкова, а третиот том, како биографски, претставува навраќање со коментари на сите позначајни датуми и настани во животот на Рацин“, истакна претседателот на МАНУ.

Верува, дека со новата едиција ќе се обнови „не само интересот за делото и дејноста на Рацин, туку ќе се реафирмираат и неговите уметнички и научни квалитети, а со тоа ќе се укаже на актуелноста на неговото дело“.

Коста Солев Рацин (Велес, 22 декември 1908 – 13 јуни 1943, на Лопушник, Кичевско) е основоположник на македонската современа поезија, проза и публицистика и истакнат политички активист, борец за социјална правда и слобода на македонските и југословенските простори.

Првата негова стихозбирка, „Антологија на болката“, е напишана на некогашниот српско-хрватски, во  1928-1929 година, а на македонски јазик преведена од Гане Тодоровски и објавена постхумно во неговите Избрани дела од 1987 година.

Збирката „Бели мугри“ Рацин ја напишал на мајчин македонски јазик и ја објавил во 1939 во Самобор, Хрватска во 4.000 примероци, тираж кој, рече Попов, денеска е речиси невозможен кога се работи за поетска книга.

АНКЕТА »

Дали на Велес му е потребна освен постојната градска линија Автобуска- Железничка - Превалец и обратно , уште една линија на друга релација?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »