речник контакт

Со маслодајна репка, се чисти велешката почва

ЕД Вила Зора започна процес на деконтаминација на загадената велешка почва

Петар Печков

Четворица велешки сопственици на земјоделски површини се јавиле на огласот на ЕД ,,Вила зора,, да се чисти земјата од тешките метали. Скромно, но за велешките екологисти, значајно е што сепак имало интерес, иако засега срамежливо.  

На една нива и на три домашни градини и бавчи, деновиве се засади маслодајна репка, која според светските стручни анализи е најголем ,,чистач,, на земјата од тешките метали –олово и кадмиум.  Нив, според анализите, ги има и до половина метра  длабочина во велешката почва. 

Со наша помош ќе биде деконтаминирана почвата на една поголема површина, позади Топилница и три дворни места, со вкупна површина повеќе од повеќе од 2 хектари. Тоа опфаќа анализа  на  земјата пред засејувањето и по прибирањето на родот,  обработка на почвата, засејување и обезбедување на семето, стручен надзор и препарати за одржување на културата.  Напролет ќе го собереме родот, маслодајната репка ќе  биде преработена во био-дизел со наша апаратура во која е поставена во велешка Маслодајна за што имаме дозвола од надлежното Министерство  а животна средина - изјави Ненад  Коциќ претседател на ЕД Вила Зора.  

Тој посочи дека имале проблем да најдат семе за маслодајна репка, оти  во Македонија тешко се доаѓало до него. Дворните места каде исто таа е засеана  се во месноста Речани и во Башино село и тие се сопственост на градинари.  Напролет по прибирањето на родот, ќе се изврши анализа за колку е намалено присуството на тешки метали на површините каде што сега е засеана маслодајната репка. 

Сама се пријавив на повикот од екологистите. Површината е веднаш, блиску до Топилницата. Сакам да се обидам, дали може да се исчисти земјата од олово и кадмиум. И така стои необработена повеќе години, вреди да се проба. Мислам дека со една година нема да се постигне висок резултат, но треба да се почне – изјави Мирјана Најдова Ковачева, сопственичка на површината.  

ЕД Вила Зора со идентичен проект, започна и пред пет години, но поради отсуство на помош од државата, паузираа. Тогаш а и подоцна  не добија финансии, за да го реализираат, а годинава парите кои ги добија од Француската амбасада како  награда, за посветеноста за човековите права за 2015-та година, ги вложија во процесот на деконтаминација.  

ЕД Вила Зора  наградата ја доби заради улогата која здружението ја остварува во Велес веќе 16 години за подигање на еколошката свест.   Се надеваат дека годинава ќе има врнежлива есен, оти првиот обид, во есента 2011-та пропадна, маслодајната репка не изникна, бидејќи таа  барала влага а таа година  беше сушна.  Македонија нема законски нормативи за загаденоста на почвата, колку таа вредност може да биде максимално, па екологисти се водат според стандардите во ЕУ.  

ЕД Вила Зора  се обиде со засадување на седум илјади рози пред седум години,по јавните површини во градот, парковите и дворовите од училиштата и детските градинки, да ги намали концентрациите на тешките метали. Но откако дел од розите ги снема, тие го сопреа овој проект кој финансиски беше поддржан од Норвешка.   

Во период од две години 2007/09-та година, во Велес,  се изведе првиот пионерски чекор во Македонија  на фиторемедијција- отстранување на тешки метали со помош на  растенија и втор на  Балканот. За илустрација кадмиумот во почвата  беше исчистен до 77 отсто, споредбено со претходната состојба.

На две локации во градот, дворот  на ОУ „Васил Главинов“ и кај МИ „Брако“ беа засадени луцерка, бела детелина и маслодајна репка. По завршувањето на истражувањето, констатирано беше под страна на професорката  на Земјоделскиот факултет од Скопје д-р Татјана Прентовиќ  дека со помош на овие култури, во голема мерка количествата на кадмиумот, цинкот и оловото во земјата  е намалено.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »