речник контакт

Содржината на филмот ,,Ослободувањето на Скопје,,

Што филмот кој започна да се снима во Велес, нуди како содржина? ТРМР ви ја донесува приказната.

Петар Печков

Зоран е осумгодишно момче, главниот јунак во оваа приказна. Низ неговите очи ги доживуваме суровите делови на војната, сликите на сиромаштијата и страдањата за време на окупираното Скопје, град кој во 1941 година беше окупиран од Германците, заедно со своите сојузници, Бугарите.

Таткото на Зоран не е тука. Тој се бори со Партизаните. Тетинот на Зоран пак, Георги Потевски е активен член на отпорното движење и учествува во атентатот на високиот германски офицер и во евакуација на Евреите на ослободените територии. Меѓутоа тој не успева да ги спаси членовите на еврејското семејство Росман пред да бидат депортирани во Германија, кои се негови соседи и блиски пријатели.

Малата другарка на Зоран, Рената, е однесена од страна на Германците во логор заедно со нејзиниот брат Оскар и нејзината мајка Сара. Зоран многу страда поради тоа што ја изгубил Рената. Бугарската тајна полиција брутално го приведува Георги. Тогаш неговата сопруга и тетка на Зоран, Ленче, која е во седмиот месец на својата бременост, абортира.

Георги е брутално мачен во затворот. Мајката на Зоран, Лица, флертува со германскиот офицер Ханс Милер кој се вселува во вилата на Росманови. Милер ќе интервенира во бугарската полиција и тие го пуштаат Георги од затвор. Од многу тепање во затворот, Георги има тешки повреди. Целата негова лева страна е парализирана и не може да зборува.

И покрај забраната од докторот за пушење на цигари, заради нејзината болест, бабата на Зоран заедно со него собира отпушоци. Гангрената многу брзо и се шири. На бабата и ја ампутираат ногата во болница, но тоа не помага и таа умира.

Заедно со своите другари, Лудиот Ваво, Бибо, Трајко, Аница и Ристе, Зоран краде пари од црквата на попот Васил, посетува проститутки, се вози во украден кабриолет на бугарскиот агент Господинова, бега од дома, спие кај циганот Тасин, одгледувач на поштенски гулаби, кого тајната полиција подоцна ќе го ликвидира како соработник на отпорот. На Зоран му станува јасно дека неговата мајка има некаква врска со Ханс Милер.

Зоран многу често го сонува татко му за кого тетин му Георги вели дека наскоро ќе го ослободи Скопје. Благодарение на љубовната врска помеѓу Лица и Ханс на нејзиното семејство не му фали храна, но во моментот кога партизанската војска ќе го ослободи градот, нејзиниот љубовник Ханс ќе биде ликвидиран. Лица е понижена и е прогласена за предавник. Таа ќе се фрли во Вардар.

Во моментот кога таткото на Зоран на бел коњ влегува во градот, еден залутан куршум го убива најдобриот другар на Зоран, Трајко. Слободата пристигна.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »