речник контакт

Стоте жени на Пушкин!

Писмата на големите писатели до нивните љубовници и сопруги. Поетот Александар Сергеевич Пушкин не бил убав човек, но жените го сакале, всушност, воздивнувале по него.

Петар Печков

Поетот Александар Сергеевич Пушкин не бил убав човек, но жените го сакале, всушност, воздивнувале по него. Дарја-Доли Михајловна, ќерка на Елисавета Михајловна, внука на фелдмаршалот Кутузов, во 1829 година во својот дневник во форма на срце запишала: „Пушкин, писател; беседите ги води волшебно, без претензии, со занес и оган. Но, невозможно е да си понеубав од него: тоа е мешаница од недворешноста на мајмун и тигар. Бидејќи потекнува од африкански предци, во бојата на лицето му се забележува уште извесна црнина и има нешто диво во неговиот поглед“.

Според описот би рекле дека не е можно да има нешто меѓу нив, но сепак се случува нешто кратко и зашеметувачко, има дури и взаемни писма, а Доли навистина била девојка со шарм и неодолива привлечност. На пример, рускиот император Александар Први случајно се запознал со неа и веднаш се вљубил. Таа болест ја добиваат дури и царевите. Сепак, Пушкин не излегол на двобој поради неа, ниту поради другите 102 жени што ги имал во животот, туку само поради Наташа, преубавата Наташа Николаевна Гончарова...

На 18 февруари 1831 година, триесетидвегодишниот Александар Сергеевич Пушкин се венчава со деветнаесетгодишната Натали во тивка црквичка во центарот на Москва. Додека траела церемонијата на венчавањето, од масичката пред попот паднале крстот и Евангелието, а истовремено згаснала и свеќата што ја држел Пушкин. Тој, со оглед на тоа што бил претерано суеверен, само пребледнел, а рацете почнале незапирливо да му се тресат. Некој од присутните  успеал да ја запали свеќата што му играла во раката.

Тоа што се случило дента на венчавката можеби било мало дополнување на она што тој веќе го имал запишано во својот таен дневник: „Првата љубов секогаш е прашање на чувствата. Колку што се поглупави чувствата, толку попрекрасни се спомените што ги оставаат зад себе. Мојата идна сопруга Наталија е моја сто и трета љубов!“ Замислете сто и три пати да му гаснела свеќата и сто и три пати некој да му ја палел додека стоел пред попот што ги венчавал!

А Натали била навистина преубава девојка. Имала совршено тело, господско однесување и префинети манири. Пушкин бил фален и одрекуван, почитуван и омразен, но таа била жената на најдобриот поет во Русија. Многумина неа ја сметале за кокетна, но тоа е погрешно. Триесет години по нејзината смрт биле публикувани писмата упатени до неа од Пушкин. Во сите има искрено почитување, взаемност и љубов. Но, за жал, во својот краток брак, двајцата прават по една единствена фатална грешка: тој продолжува да ја изневерува, мислејќи дека таа не знае, а Натали се подлажува и оди на тајна средба со Дантес, нејзиниот зет за сестра, кој влечел зад себе серија скандали.

Убиецот на Пушкин

Баронот Жорж-Шарл Дантес, убиецот на Пушкин, е роден на 5 февруари 1812 година, во францускиот град Колмар, и е цели триесет години помлад од Пушкин. Според зачуваните сведоштва, тој бил човек што се трудел да им се допадне и на мажите и на жените. Истовремено бил и голем интригант, но и алчен човек. Кога се женел за Екатерина, сестра на Натали, четири години постара од него, без срам и перде побарал мираз од десет илјади рубљи и уште по петстотини рубљи за секој месец од бракот. Небаре бракот е кредит на рати, а Екатерина треба да плаќа рати за да биде со него. Кутрата жена не живее долго. Умрела на 35 години, при третото породување. Девојченцето го крстиле Леони; пораснало во вистинска Русинка, ја боготворела Русија и поезијата на својот тетин, го чувала портретот на Пушкин над креветот во својата соба.

Но, како и зошто дошло до двобојот меѓу Пушкин и Дантес? Во белешките од тоа време останало запишано и ова: „Натали беше толку убава што можеше да си дозволи да нема никакви други достоинства.“ Се разбира, имала таа и други достоинства, а нејзиниот сопруг Пушкин не дозволувал да се извалка нејзината репутација, исполнувајќи го докрај заветот да ја чува нејзината чест. Кога почнал да го издава списанието „Современик“, Натали станала нешто како секретар на редакцијата, набавувала дури и хартија. Го водела, исто така, и сметководството, но била и своевиден портпарол на Пушкин. Со еден збор речено живееле среќно.

Ете токму тогаш се појавува Дантес, кој полека и настојчиво почнал да и се доближува на Натали, а таа бавно и безнадежно да ги продлабочува своите симпатии кон него. Се разбира, колку што можела, се спротивставувала на тие чувства, но, за жал, не успеала докрај во тоа. Поверувала во измислениот очај на својот зет за сестра Дантес; сериозно ги сфатила заканите во неговите писма дека ќе се самоубие, доколку таа ја откаже средбата со него. Исплашена дека нејзиниот зет навистина може да се убие, Натали, иако ја знаела омразата на Пушкин кон Дантес, тајно оди на назначената адреса, во домот на нејзината пријателка Идалија.

Обид за силување и двобој!

Се разбира, средбата на Натали и Дантес не била деловна-тој веднаш и се нафрлил. Дури и ја удрил. Сепак, таа некако успеала да се измолкне и побегне. Се уште растреперена, скршена и докрај разочарана од својот зет, стигнала дома и веднаш и раскажала се што се случило на Констанција, гувернантката на нивните деца. Половина час подоцна истото му го раскажала и на Пушкин. Тој бил бесен-не бирал зборови ниту за него ниту за неа. Таа премолчила, голтнала се што и рекол во лутината, иако знаела и за Доли, и за Александра Осипова, и за Надежда Сологуп, и за Карамзина, и за Галицина, и за Полина Шишкова...

Секако можела да му каже дека знае, а Пушкин не ќе можел да измислува во таа лутина ништо во своја одбрана. Факт е дека тој бил со нив и никогаш не ги заборавал жените со кој бил. Така, неколку месеци пред двобојот, во својот дневник ќе запише: 'Денес имав јубилеј-ја опалив стотата!' Договорите за средбите тогаш се правеле за време на танцувањето на баловите, а имало и таканаречени станови за љубовни средби. Знак се давал од прозорците-ако била крената завесата или ако имало саксија со цвеќе, тогаш теренот бил слободен. 

Но, да се вратиме на Пушкин и Натали. Само еден ден по средбата на Натали и Дантес, значи утрото на 4 ноември 1836 година, Пушкин и уште неколку негови пријатели добиле анонимни писма во кои пишувало дека поетот свечено е примен во 'редот на рогоносците'. Едно такво писмо прочитала и Натали, и веднаш го замолила Александар да го напуштат за извесно време градот. Се разбира, гордоста на Пушкин не дозволувала такво нешто.

Наместо заминување од градот, подалеку од малограѓанските озборувања, тој му праќа покана на Дантес за двобој. Холандскиот амбасадор Хекерен, за кој се зборувало дека е хомосексуалец и кој подоцна ќе го посини Дантес, дошол кај Пушкин да го замоли двобојот да се одложи. Поради закажаната свадба на Дантес и Екатерина, Пушкин се согласил пресметката да се одложи до 25 јануари. Следниот ден во куќата на Пушкин дошол атешето на француската амбасада и му ја предал поканата за двобој со Дантес.

За двобојот знаеле само неколкумина. Знаела и Екатерина, сестрата на Натали, но таа веќе му била венчана сопруга на Дантес и го мразела Пушкин. Се разбира Натали не знаела ништо за двобојот. Кобното утро, одејќи кон местото за двобојот, санката на Пушкин се разминала со санката на Натали: таа била кусогледа, а Пушкин гледал на друга страна. Да го видела сигурно ќе направела се да го спречи. Се разминале без да се видат, а кај Црна Река, Пушкин стигнал речиси истовремено со Дантес.

Секундантите го затапкале снегот, ги изброиле чекорите, ги наполниле револверите, им ги дале и почекале Пушкин и Дантес да застанат еден спроти друг на пропишаното растојание. Дувал силен ветер, очите им се смрзнувале од студ. Затоа час побрзо бил даден сигналот за отпочнување на двобојот. Пушкин прв стигнал до местото од каде што требало да се пука. Според правилата, тој требало да пука прв.

Застанал, го кренал револверот, нанишанил, но Дантес не чекал, пукнал прв. Паѓајќи во снегот, Пушкин ја видел крвта што бликнала од него, но сепак успеал некако да се крене на рацете. „Почекајте, рекол, мислам дека можам да го испукам мојот истрел.“ Се потпрел на левата рака и успеал да стрела. Дантес паднал во снегот. Се разбира, глумел. Пушкин прашал дали е ранет, а Дантес преправајќи се рекол дека е погоден во градите. Пушкин на тоа возвратил, рекол „браво“ и го фрлил револверот во снегот.

На крај, Натали не била виновна

Најголемиот руски поет, тешко ранет, на мала душа, го однеле дома. Посакал да ги види жената и децата. Куќата била полна со луѓе, а преполни биле и околните улици. Пред сите што биле во собата што го внеле рекол дека Натали е невина, дека никогаш не се сомневал во неа. Ги гушнал и ги благословил децата. Следниот ден неколку пати ја викал Натали во собата; ја држел за рака и ја гледал во очите. Побарал чаша ошав, а Натали клекната на коленици му давала со лажиче.

Иако тешко зборувал, многу пати и рекол: „Ти не си виновна“. Само неколку часа подоцна, гледајќи во книгите што ги имало насекаде во куќата, прошепотил: „Збогум пријатели“ и умрел. Неговото тело било изложено два дена во куќата. Целиот град, буквално целиот град, поминал крај неговит ковчег. Бил погребан на 1 февруари во Светогорскиот манастир кај Михајловское.

Натали била жена на Пушкин шест години, а по неговата смрт му станала сопруга на генералот Ленски и со него живеела полни 22 години. Умрела од воспаление на белите дробови, по тешка настинка, на 52 години. Генералот ја надживеал цели 40 години. Кога починал, го погребале во нејзиниот гроб. Сега двајцата почиваат во Александро-невските гробишта.

Големиот Пушкин е далеку од својата Натали, но, Натали сега не е кусогледа, а и Пушкин не гледа настрана додека се разминуваат со санките. Се разбира таму двобој нема да има, зашто Натали е невина, а Дантес одамна не постои.

 Текстот е преземен од МИА

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »