речник контакт

Тензично на судењето за убиството во село Ореше

Сведокот Вељо Арсовски тврди, обвинетиот Ѓоре ми нуди стан и пари да го сменам сведочењето. Петровски се брани - Вељо лаже

Петар Печков

Продолжението од судскиот процес за убиството во село Ореше,  во Основниот суд  во Велес мина во тензична и нервозна атмосфера. Ова откако сведокот Вељо Арсовски јавно кажа дека му се нуди мито  за да ја смени неговата изјава, која беше дадена претходно и со која обвинетиот Ѓоре Петровски се доведува во релација со убиството на старецот Лазо Милошевски.

Ѓоре преку мои роднини и заеднички пријатели ми нуди пари и неговиот стан за да ја сменам изјавата. Му порачав јас не сум тој Вељо, кој тој го знае од млади години, и  не сум Златко Арсовски екс заштитениот сведок Бреза, за да ги менувам сведочењата. Да потсетам дека Ѓоре со кого како млади бевме многу блиски, ми се  јави после 10 години минати во Америка, и побара од мене да го отрујам Лазо, оти сум близок со него и никој нема да се сомнева во мене. По убиството на Лазо, Ѓоре ми се јави уште два пати да ме праша кој е убиецот, дали нешто знам и што се зборува по селото    – рече сведокот Вељо Арсовски во неговото сведочење.

Овие зборови предизвикаа бура од незадоволство кај обвинетиот Петровски, кој од место луто реагираше, при што со сведокот разменија пцости. Во записникот судијката Тања Милева запиша дека ,,Петровски упатил навредливи зборови, на што Арсовски возвратил,,.  

Лаже, судијке, лаже. Нека каже на кого тоа сум му  рекол  и нудел пари и стан за да ја смени изјавата – рече во своја одбрана Петровски. Според обвинението Ордан и Љупчо Георгиевски го усмртиле Лазо Милошевски (71 год) на 2-ри декември 2005-тата година, додека тој во неговата куќа подготвувал вечера. Од соседниот двор од триесетина метри растојание околу 20,40 часот биле истрелани два куршуми од кои едниот завршил во Милошевски  и бил фатален за него.

Старецот е пронајден мртов од соселаните следното утро. Досега имаше три пресуди по овој предмет, две осудителни со по 12 години затвор за тројцата обвинети и една ослободителна. Сите три пресуди Апелација ги врати.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »