речник контакт

Титовото политичкото училиште во Кумровец, подарено на црквата

Вселувањето на Црквата во зградата на Политичкото училиште во Кумровец сега може да се каже дека е легнување во креветот на Сатаната

Петар Печков

Откако Владата на Црквата и ја даде зградата на поранешното Политичко училиште во Кумвровец, како надомест за имот одземен по Втората светска војна, кумровечката власт порача – немаме ништо против ако свештениците го почитуваат тоа место, неговата традиција и Јосип Броз Тито.

Бидејќи Тито е меѓународен бренд, од 55.000 туристи кои поради него го посетуваат Кумровец, 40 отсто се од странство. Значи, нема друго туку во црковните миси да се воведе и – „Другар Тито, моли се за нас“. Така сите би биле задоволни и туристите и кумврочани, кои сигурно дека за својот сограѓанин Тито имаат мислење поинакво од другите, посебно за тие кои за диктаторот имаат немили спомени. Воведувањето на Тито во мисите не би било необично.

Ако бискупите бесрамно се одрекоа од Дајла во Истра, не е чудно што се согласија да ја земат зградата на поранешното Политичко училиште, која како ниту една друга го симболизира југословенскиот злосторнички и атеистички комунизам. Има позитивни и негативни симболи од минатото. Па ако позитивните ги чуваме и ги почитуваме, исто така и кон негативните, посебно кон тие кои имаат големо значење треба да бидеме чувствителни.

Ако таква чувствителност имаат бискупите, никогаш не би се согласиле да се вселат во зграда во која долго ќе траат спомени на идеологија која го негираше и Господ и верата и верниците. Тоа е како кога потомците на убиениот би ги вселиле во куќа на убиецот или на силувана жена да и го доделите станот во кој била обесчестена.

Ивица Рачан во 1991 година го замолил Фрањо Кухариќ да одржи миса во зградата на Централниот комитет на СКХ на загрепско Присавље, во „црвената катедрала“, што кардиналот го направил. Тоа било чин на помирување и своевидно „истерување на ѓаволот“ од седиштето на Партијата. Вселувањето на Црквата во зградата на Политичкото училиште во Кумвровец не е истерување на Сатаната, туку може да се каже дека е легнување во неговиот кревет.

Нормална е секоја друга употреба на тој простор, за спорт, наука, сместување, па дури и за политика, за се што нема да биде оптоварено со духовите на минатото. Како ќе се случи преобразба на тоа место на безбожност во место на светост? Верата е и чест, па колку што има чесни луѓе во Црквата, сигурно толку ќе почувствуваат одбивност на било кој начин да му служат на Бога, под таков кров.

Но, кога знаеме колку многу луѓе пред 20 години поитаа кон Црквата, каде никогаш не биле, колку богохулници преку ноќ станаа божји поклоненици и колку такви луѓе Црквата ги прифати, знаеме колку многу луѓе во беспаќата на новото време можат да го загубат критериумот. Во комунизмот границата меѓу светото и безбожното беше појасна, забранетата светост беше истовремено и света забранетост, верата не беше интерес туку поглед на светот, крстот се носеше по желба и се криеше за да се успее во општеството. Во демократијата Црквата доби огромна слобода и внимание во медиумите, но низ истите скали по кои се качуваше во јавноста, се симнуваше нејзината возвишеност.

И тоа се повеќе, како што одминуваше времето. Така целосно е незамисливо дека Кардиналот Кухариќ би се согласил да ја всели Црквата во зградата на поранешното Политичко училиште. Но, од заминувањето на Кухариќ до денес, Црквата се повеќе е бизнис, а се помалку религија. А во бизнисот начело не е светоста, туку добивката, иако таа добивка во кумровечкиот случај би значела бришење на судбоносните разлики меѓу моралот на Црквата и моралот на комунистичката власт со која беше пронижен цел народ.

Вселувањето на Црквата во поранешната зграда на Политичкото училиште не се разликува многу од вселувањето на новата, комунистичка власт по Втората светска војна во зградата одземена од Црквата. Не се работи за право на државата на Црквата да и даде што било, што Црквата треба да го прифати. Се работи за свето достоинство на бискупите кои не смееја да дозволат Црквата да влезе во зграда која комунистите, најголеми непријатели на верата, ја изградиле за својата идеолошка цел.

Сенката на таа цел трајно ќе ја следи Црквата во употребата на тој простор, каква и да е таа употреба. Времето застана и ги направи мртви причините поради кои таа зграда била изградена во Кумровец, а споменот на Политичкото училиште го оживеа Црквата, па таа ќе остане да живее со тој спомен. Другар Тито, моли се за нас!

 текстот е преземен од Вечерњи лист - Загреб

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »