речник контакт

Томо Вук, човекот кој го осветли Велес

Зошто Вук на надгрoбата плоча поставена во Загорје запишал ``Овде почива човекот кој прв го осветли градот Велес во Македонија,,

Петар Печков

 Неодамна, пред два месеци  на мојата електронска пошта стигна фотографија  од надгробен споменик со  краток епитаф.   За напишаното побара објаснување Бруно Кос,  новинар вработен во општина Будишчина, Република Хрватска. А епитафот беше краток но многу провокативен ,, Овде почива човекот,  кој  прв го расветли градот Велес во Македонија,,. Бруно побара информација за  ова а искрено и за мене беше голема провокација. Што тоа Томо кажува. И потрагата започна.

Од човек на човек, од сосед на сосед, да се дојде до вистинскиот извор, кој ќе ја раскаже автентично и точно. Морам да признам дека одеше тешко, постарите соседи како и Томо починале, тој без блиски и роднини во градот а пораката имаше свое значење. И конечно по многу прашања дојдов до човекот кој ја раскажа приказна за Томо Вук, и како тој го расветли Велес. Тоа е поранешниот директор на Електро Велес Љубе Ќурчиев, близок пријател и соработник со Томо. Ќурчиев ја имаше слушнато изворно од Томо, кој му ја раскажувал многу пати додека биле заедно. 

Заслугата за Томо е што тој  ја изгради првата електроцентрала во Велес и тоа во 1928-та година. Тоа било по порачка на срби  кои побарале  во градот да градат електроцентрала за да може Велес да добие струја а не да свети на гасје. Дотогаш немало. Вук кој бил електричар, се нафатил на оваа работа. Ја завршил неговата обврска и електраната била готова а Велес добил струја. За да биде според законот морало да се изведе и технички прием. За таа цел од Белград дошле тројца инженери. Тие допатувале со експресот Париз – Атина а Томо ги чекал на станица со пајтон. Наместо до централата ги однел во хотелот ,,Круна,, во центарот на Велес. Добро ги нагостил и на крајот на сите тројца во рака им пуштил по еден златник ,,Наполеон,,. Тие ги потпишале документите а централа не ја виделе. Централата била на ќумур и дрва на местото каде е сега ДТВ Партизан. Таа зграда е од тогаш. Огревот се носел со воз и се фрлал одозгора од пругата доле. Документите од техничкиот прием ми ги остави мене како на  добар пријател и на Електро стопанство за да се знае историјата. Кога заминував во пензија и јас ги оставив во фирмата. Ете тоа сакал да каже, дека тој е првиот човек со чија помош е осветлен Велес – вели Љубе Ќурчиев. 

По барање на Вук, Љубе му ветил дека кога ќе почине тој ќе помогне да биде погребан во родното Загорје, Хрватска. Така  и било со возило на ЕСМ во 1986-тата Томо Вук е пренесен во родната Будишчина, каде е погребан. Натаму соговорниците во оваа приказна, објаснуваа дека слушнале и знаеле дека во Велес уличното осветлување работело од 8 навечер до 11 часот навечер. Пред да се угасне, три пати светилките се палеле и гаселе, пред конечно да згаснат. Струјата дома ја користеле побогатите велешани. Имало светилки од 5, 10 и 15 вати.

Тие од пет се користеле за претсобјето а поефикасните за собите. Имале по најмногу по две дома. Се трошело по еден киловат месечно за кои се плаќала солидна цена. Томо кој бил електричар поголем дел од животот работел како приватник, електричар поправал акумулатори, винклувал. На неговата зграда додека беше жив,  кај крстосницата на тогашна Ленинова и Моша Пијаде,    на првиот  кат од десно пишуваше ВУК.

Него така го знаеја повеќето сограѓани. Името остана, и денес кога се бара локација се објаснува зградата на Вук, па потоа околината. Тие што го познаваат велат дека бил пријатна личност, работлив, шегаџија.  Дилемата е како тој дошол во Велес, што тука барал. Неговата братучетка  од Загорје со помош на Бруно Кос  ја расчисти и таа дилема.

  Томо  како момче заврши за шегрт  електричар во блиските рудници тука до Будишчина. Заминал по препорака на пријатели за Ниш каде  исто работел во рудници, таму  служел војска, таму ја запознал девојката Јелена која подоцна му станала сопруга.   Преку пријатели од Ниш, заминал за Велес, кој прв го осветлил, градејќи електроцентрала. Таа била од котел од стара парна локомотива, која ја преуредил, за да произведува струја. Кога се допишувавме со него ние оттука испраќавме адресирано  само Томо Вук Велес. Кога го прашавме за адреса, ни рече мене сите ме знаат во градот и ова е доволна. И сите писма ги добиваше. Кога одевме во Велес на гости и заедно шетавме ни остави впечаток што сите го поздравуваа и мали и големи и мажи и жени. Имавме впечаток дека сите го знаат – вели   Драга Пушец.  

Доаѓањето на Вук од Ниш во Велес според раскажувањето на Драга се поклопува  со пишаните документи дека  трговците браќата Милан и  Коста Стоиљковиќ од Ниш заедно со  Душан Стоиљковиќ од Лесковац Србија се првите сопственици на електроцентралата во Велес.

Подоцна според кажувањето на  Јован Босотов  централата преминала во сопственост на единствената еврејска фамилија во градот Ково. Ова е приказната за Томо Вук (1904-1986), човекот кој прв овозможи да светне сијалицата во градот. Благодарност до сите а ги имаше многу, кои дадоа свој придонес во склопувањето на овој мозаик. Оставам простор дека  при раскажувањето можни се грешки, бидејќи минало време. Колегата од Нова Македонија Петар Трајков има пишувано за Томо Вук, изворно од енгово раскажување, додека тој бил жив. На моето прашање што се му раскажал, Перо рече дека нема документ а се е запишано во весникот Нова Македонија, во некое издание од  1980 и некоја година и сам не се сеќава кога.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »