речник контакт

Цел работен век посветен на итните случаи

Доктор Владо Хаџи Наумов замина во пензија

Петар Печков

На седми април на Светскиот ден на здравјето, кога го наполни 65-тиот роденден доктор Владо Хаџи  Наумов замина во пензија. Ден полн со симболика, со многу значења и ден со кој започнува нова страница на докторот кој многупати кога беше најтешко им помагал на тешко болни, повредени.  Тој цел работен стаж го мина како доктор во итна медицинска помош во Велес. Доктор Владо  е препознатлив знак за оваа здравствена ургентна институција.

Секое спасување на пациент, е најголемото задоволство. Кога даваш како лекар се од себе да го спасиш, се трудиш да не замине пред очите  и го дочекуваш тој момент, кога тој се излекува од таа криза, тогаш како човек сум пресреќен. А имало многу такви случаи. Нема  од тоа поголемо задоволство. Посебно во сообраќајки, кога морал да се вади од автомобил, му зборуваш, го куражиш, му дава храброст да издржи,  а тоа трае со часови. И кога завршува со успех, сите од екипата  сме презадоволни. Тоа е задоволството што ме пратеше сите овие години  во оваа работа – вели д-р Хаџи Наумов, сумирајќи го работниот век. 

Започнал во 1977–та по завршувањето на Медицинскиот факултет,  прво вработување му било во Школска амбуланта кај доктор Стефкова од која ногу научил. По четири години заминал на специјализација општа медицина, од каде дошол во службата за итна медицинска помош  и тука   работеше до пред некој ден.  Од  27 години во неа  25 години  беше началник на службата. Низ неговите раце минале многу, илјадници случаи, доживеал различни судбини.

Брзата помош е таква служба која работи 24 часа, се што се случува на терен е поврзано со нас, одиме  да помогнеме да спасиме живот. Тоа е нашата работа. Има многу настани, не може некој да се одвои, има и убави и лоши непријатни. Во службата  ние немаме пауза, немаме резервни денови. Не помнам дека некој доктор, сестра, возач кога е потребно  не се одѕвал – објаснува доктор Владо.

Подготвен е за новиот ритам на животот, без обврски, вели дека  тоа е неминовност. Иако заминува  во пензија, продолжува да се едуцира, чита нова стручна медицинска литература. Толку време, долги години беше препознатлив знак за Брзата помош, велешани така го доживуваа. Неговите колеги за него велат дека е професионалец, човек кој несебично се даваше и учествуваше во создавањето на службата. Тој низ сите овие години ги знае здравствените маки на сограѓаните.

Иста мака ги мачи и тогаш и сега луѓето, кај доктор пациентите  идат за исти работи. Сега  луѓето се покомотни, се бара повеќе и повеќе во однос на услугата, согласно времето и науката. Имавме огромен терен  за покривање, автопатот од Катланово до Градско, цел Азот до Горно Јаболиште, дел од Овче поле. Работевме во  радиус повеќе од 50 км и моравме  секаде да  стигнеме – вели д-р Хаџи Наумов. 

Со неговите колеги учествувал на разни настани, натпревари поврзани со служба, га граделе, работеле тимски, колективно за да биде помодерна, со поквалитетни услови.  Престојувал во  Нанчанг во Кина шест месеци каде учел акупунктура, на тамошниот факултет за народна медицина. Таа е призната гранка на медицината. Работел петнаесет  години, престанал но знае и денес да помогне на некои пациенти, на кој им е потребна  оти е успешна и помага. Неговите два сина се исто така доктори. Постариот  Александар е специјалист по неврологија работи во Германија, вториот помладиот Мартин е стоматолог и двајцата се активисти на Црвениот крст.   Како таткото кој е вклучен во оваа организација 35 години, од млади години. Но  од таму не заминува, уште ќе помага.

Доктор Хаџи Наумов  е вклучен од првиот ден во прегледувањето на лицата кои се фрлаа по крстот во Вардар на Водици. Тој беше дел од ова манифестација од 1991-тата до оваа 2013-та година. Има различни и интересни искуства со храбрите капачи, кои  во  среде зима скокаа во ладната река.

  Учествував на сите прегледи, за Водици. Доаѓаа повозрасни луѓе, некои  консумирале алкохол и објаснував дека тоа е штетно оти тој го лади телото, дека треба да се аклиматизираат. Повеќето беа млади луѓе желни за афирмација да го фатат крстот. Во првите години сите тие одеа на заеднички ручек, каде се дружеа, зближува и завршуваше со песни.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »