речник контакт

Што публиката ќе гледа годинава во новата театарска зграда

Интервју во Васил Зафирчев, уметнички директор на велешкиот театар ,,Јордан Хаџи Константинов Џинот,, ,

Петар Печков

Велешани во годината  кога Велес е престолнина на културата  ќе  видат балет и опера. Тоа ќе биде прво претставување на овие институции во градот, која за себе сака да каже дека е лулка на културата.  Центарот на повеќето настани ќе биде новата зграда на велешкиот театар. Уметничкиот директор на театарот, Васил Зафирчев открива дел од настаните кои таму ќе се одвиваат.   

      -  Новата зграда отвора можности не само за одржување на театарски претстави, туку и други содржини.  Годинава ќе видиме настани  од сите сценски уметности,  оперската, балетската,  концерти на класична музика,  симфониски концерти,  познати и реномирани македонски пејачи. Подготвивме и дополнителни   проекти, надвор од Министерството за култура, со што ќе ја зголемиме културната понуда на публиката од  Велес.  

Што ќе можат гледачите да видат од Вашиот театар?

    -  На почетокот од февруари започнуваме со премиерата на претставата ,,Приказни од шестиот кат,,  која е дел од ланската програма, но поради отворањето на новата зграда ја  одложивме за годинава.  Таа е  драматизација на раскази на  Драги Михајловски  а во режија на Деан Дамјановски, што е македонска праизведба.    Имаме и четири премиери предвидени за годинава. 

Две претстави се  со странска копродукција. За што станува збор?

   -Имаме две ексклузивни копродукции со  Словенски и Романски автори.  Остваривме соработка со Словенско Младински гледаличше, со актерката  Марушка  Гејмаер Облак, со која таа  и јас, ќе бидеме дел до дуо драмата ,,Федра,, работена  по авторски текст на Сашо Димовски а  во режија на Александар Ивановски. Таа е копродукција на фестивалите Импакт од Велес и  МОТ.   Со светски и Европски познатиот романски куклен театар  ,,Ариел,, гостува режисерот, кој исто така е признато име во оваа област  Гаврил Кадриу. Тој доаѓа со  неговата авторска екипа предводена од кукла мајсторот  Гина  Јоану, кои ќе ја работата  ромската бајка ,,Зуринка,,. Ги откупивме авторските права за светски познатиот текст на Нејџел Вилијамс ,, Класен непријател,, која ќе ја постави   режисерката Теа Беговска со што ќе ја промовираме малата сцена.  Годинава ја имаме и претставата ,,Крал Иби,, голема продукција, во режија на Андреј Цветановски,каде главната ролја  ќе ја  толкува Зоран  Љутков.   

Што со досегашниот репертоар, со претставите кои ги игравте во старата зграда?

  - Работиме на адаптацијата и преселувањето на  активните   претстави од нашиот репертоар. Ова се донесува на тие што ги исполнуваат условите  да бидат изведени на големата сцена на  новиот театар.

Поради стеснетиот простор и скромните услови во старата зграда, ретко имавме гостување на театри во Велес.   Дали конечно ќе видиме дел од продукцијата на Вашите колеги од другите градови? 

   -  Во преговори сме со повеќе национални културни установи  кои ќе дисперзираат дел од својата програма во Велес.  Но и дел од фестивалите ќе имаат своја програма во Велес, ова се донесува на Танц Фест и МОТ. Во Велес  ќе ги имаме речиси сите државни театри со по најмалку една претстава, сите тие  ќе бидат наши гости.   

Кога новата театарска зграда ќе ги отвори вратите за редовен репертоар? Кога ќе може да се види  повторно и ,,Најважната работа на светот,,  со која се отвори зградата?

   - Со премиерата на  ,,Приказни од шестиот кат, која треба да се случи во февруари, планираме да продолжиме со редовен репертоар.  Процесот на  адаптација  оди полека оти  дел од нив   не  соодветствуваат   со новите дизајнерски и  сценографски   услови за работа. Тоа бара  нивна  доработка.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »