речник контакт

11 септември Отсекување на главата на свети Јован Крстител

Според светото предание св. Јован и Исус биле блиски роднини, зашто мајката на Св. Јован Елисавета и била тетка на Марија, мајката на Исуса.Јован постојано ги проповедал позитивните животни принципи и жестоко го критикувал неморалот, лагите и развратот, кои во тоа време во Римската империја го достигнале својот врв. Посебно на удар на неговите критики бил управникот на Галилеја Ирод Антипа

Петар Печков

Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори.

Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќер­ката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подо­цна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител.

Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис.

Тоа е синот на стариот Ирод оној што наредил да се заколат сите деца во Витлеем во времето кога требало да се роди Исус Христос, за со нив да биде погубен и Спасителот. Ирод Антипа бил оженет со ќерката на еден арапски кнез по име Арета.  Но тој, таков поган каков што бил и од погано семејство, ја истерал својата законита жена и се оженил со својата снаа Иродијада, жената на својот брат Филип кој бил жив. Иродијада со себе ја довела и својата ќерка од првиот брак Саломија.

Тоа не го дозволувале ниту законите на Мојсеј, а Јован жестоко го критикувал. „Не ти личи да ја земеш жената на брат ти”, му велел на царот. Затоа Ирод решил да му се освети. Се плашел да го убие зашто целиот народ го почитувал за пророк, но го ставил во затвор за да го заплаши.

Особено лута и осветољубива била Иродијада. И таа чекала прилика да му се освети. Еднаш кога Ирод организирал прослава на својот роденден со присуство на мноштво народ меѓу кои и највидните државни првенци, кога обилно се пиело вино, кога се играло и пеело, одеднаш се појавила Саломија, ќерката на Иродијада која што со својата игра толку го занесла Ирода што тој и ветил дека во тој момент ќе и исполни секаква желба, ќе и даде се што ќе посака дури и да се работи за половината од царството.

Саломија не знаела што да посака па отишла да се посоветува со својата мајка. Пакосната мајка што долго чекала овој час веднаш и рекла да ја побара главата на Свети Јована. Кога Саломија тоа му го соопштила на Ирода тој се изненадил, но ветувањето дадено пред многу народ го обврзувало и морал да го исполни. За кусо време девојката ја имала на послужавник глава на Свети Јована, која ја предала на својата мајка, а оваа пак не задоволувајќи се со тоа, му го бодела со игла јазикот што зборувал за нејзиниот неморал.

Телото на светителот го зеле неговите ученици и го погребале, а главата пакосната Иродијада ја закопала на некое нечисто место во дворецот на Ирод. Се плашела дека ако главата и телото бидат на едно место можело да се служи пророкот да воскресне. Меѓутоа една благочестива жена на дворот на Ирод не можела да трпи главата на пророкот да биде закопана на нечисто место, па ја откопала тајно, ја однесла во Ерусалим и ја погребала на Елеонската Гора.

Царот Ирод кога разбрал дека Исус лекува болни воскреснува мртви и прави чуда мачен од сопствената совест, си помислил дека пророкот Јован воскреснал. Некои мислеле дека тоа е пророкот Илија други дека е некој друг пророк, а царот Ирод бил убеден дека е токму Јован, кому што тој наредил да му ја пресечат главата. Народот бил сведок дека сите што биле заслужни за  погубувањето на пророкот ги стигнала заслужената казна.

Ирод ја загубил битката со арапскиот  цар Арета, таткото на неговата прва жена кој сакал да ја измие навредата и да ја поврати честа на својата ќерка. Бил испратен на заточение заедно со Иродијада каде што во навреди и понижувања двајцата ги завршиле животите. И Саломија не останала неказнета. Таа се удавила во реката.

Подоцна некој богаташ се замонашил во Елеонската Гора и сакал да прави келија. Започнал да копа и нашол еден сад и во него една глава, а по Божја промисла имал сознание дека тоа е главата на Крстителот. Откако ја бакнал повторно ја закопал на истото место, а таа подоцна шетала од една рака во друга, била заборавана и наоѓана додека во време на царицата Теодора не била пренесена во Цариград.

Денот на погубувањето на Св. Јован Крстител со строг пост црквата го празнува на 11 септември под името Отсекување (или Отсечение) главата на свети Јован Крстител. Иако Свети Јован е погубен пред Пасха празникот е поместен на овој ден зашто на овој ден е осветена црквата што над неговиот гроб во Севастија ја подигнале светите цареви, како што ги викал народот царот Константин и неговата мајка, царицата Елена.

Народот на овој пост држи строг пост, не јаде не само мрсно, туку и риба и зејтин. Останало забележано дека на овој ден луѓето не јаделе ни лубеница, домати, црвено грозје и други продукти со црвена боја што потсетувале на крвта на светителот.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »