речник контакт

150 години велешка гимназија, најстара во Македонија

Велес се гордее што во учебната 1857/58 пред 150 години во овој град е отворено првото училиште кое давало повисоко образование од основното.

Петар Печков

Велес се гордее што во учебната 1857/58 пред 150 години во овој град е отворено првото училиште кое давало повисоко образование од основното. Тоа било сместено во параклисот Св.Ѓоргија и е прво на мајчин јазик во Македонија, која тогаш била дел од Отоманската империја. Традициите на оваа институција ги продолжува велешката гиманазија Кочо Рацин, го слави реткиот јубилеј. Таа е вруток од која потекле илјадници ученици, кои биле темелник и го ширеле знаењето и образованието во Македонија.

- Овој јубилеј век и половина постоење не е само на велешката гиманзија, тоа е празник на државата. Ова училиште се создало да ги образува младите од градот, кој  тогаш бил под турско ропство, го преживеало Илинден, Балканските и двете Светски војни. Тоа создавало кадар, огромен интелектуален потенцијал кој потоа низ Македонија ја подигал свеста кај народот - вели Стевка Богоевска директорка на Гимназијата.

Таа минала низ многу премрежја на прекројуваната  Македонија, низ различни времиња и уредувања, имала падови и успеси и зад себе оставила 15 илјади завршени средношколци.

Почетоците на Гимназијата се поврзани со учителстувањето на Јордан Хаџиконстантинов Џинот во параклисот Св.Ѓоргија, како потреба на тогаш веќе созреаната велешка трговска класа, нивните деца да имаат повисоко образование од основно. Со годините, како градот се ширел, така се зголемувал бројот на ученици и Гимназијата го менувала местото на работње, од црквата, преку старото Турско училиште кај Црна Џамија, до зградата кај  Градското пазариште, за сега најстарата образовна институција во земјава да биде потстанар кај Хемиското училиште, чиј објект денес  го користи. Цел работен век од ученик до директор во неа го минал седумдесет и осумгодишниот Ѓорги Палашевски.

\"\"

- Моите родители се одрекоа од многу работи за едно од нивните три деца, во случајот јас, го запишат во Гимназија. Тогаш се плаќаше школарина а во класот бевме 30-тина деца и машки и женски. Учеа тие што имаа да платат. Оваа Гимназија е гордост не само на Велес, туку и на Македонија, бидејќи низ турболентно време создала образувани млади луѓе- вели Палашевски. Неговиот животен пат е тесно сврзан со Гимназијата бидејќи почнал како ученик во 1940-та , иако војна, таа продолжила да работи, па како дипломиран историчар и професор по национална историја од 1954 за до 1974 работи како директор, кога заминува. Живо се сеќава дека во седми и осми клас професор по македонски му бил Ѓорги Милошевски, подоцна г.г Гаврил првиот Архиепископ на МПЦ, кој тука работел и предавал. За него вели дека бил строг, барал знаење а зборувал седум светски јазици.

Но листата на познати имиња што образовението го добила во велешката Гиманзија е долга, Анѓелко Палашев првиот библиотекар во Македонија, музичарите Стефан Гајдов, Жифко Фирфов, Кочо Рацин, Ангел Шурев дириген на Бонската филхармонија, поетот и шпански борец Ганчо Хаџи Панзов, младиот виолинист Костадин Богдановски сега концерт мајстор во познатата Лицеу опера во Барцелона, Гемиџиите, Ѓорѓи Шоптрајанов, првиот градоначалник на Велес Никола Цураков, зографот Димитар Андонов Папрадишки.

Освен што тука се добивало знаење, тука се бранела и македонската кауза. Така било и во пролетта 1942-та, кога се случи познатиот штрајк на гимназијалците, прв во поробена Македонија.

- Три дена траеше нашиот отпор кон бугарските власти, како наша реакција на воведувањето бугарски јазик, носењето бугарска униформа. Ниту еден ученик не стапна во училиштето, што зборува за силната национална свест кај сите нас - се потсетува на тогашниот настан Ристе Ристевски.

\"\"

Гимназијата се гордее со своите деца, кои ги изучи и создаде да бидат чесни и лојални граѓани на Македонија.

Запишан е рекордот од 1982/3 учебна година на IV/2 класот на проф Душан Џаџов со просечен успех од 4,85 што сеуште е недопирлива граница на знаењето и за новите генерации.

Времињата, зградата учениците од Гимназијата Кочо Рацин се менуваат но останува неодминливата борба за знаење.

АНКЕТА »

Каде одмарате летово?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »