речник контакт

20 години затвор за грабнување, разбојништво

Енедин Ибрахимовиќ од Горно Оризари е осуден за четири кривични дела и доби 32 и пол години затвор или единствена казна од 20 години

Петар Печков

Енедин Ибрахимовиќ (38 год) од велешко Горно Оризари доби 20 години затвор за извршени четири кривични дела.  Тој е  прогласен за виновен и осуден во Основен суд Велес,   за грабнување, разбојништво, предизвикување општа опасност и одземање моторно возило. Ибрахимовиќ за грабнување на момче и девојка доби 8 години и 7 месеци затвор, за разбојништво извршено во Бензинска пумпа доби 19 години затвор, за предизвикување општа опасност доби 4 год. и 5 месеци затвор и  за одземање моторно возило му е изречена казна  затвор од 7 месеци, што е вкупно 32 години и 5 месеци  или во единствена казна затвор од  20 години.  Ибрахимовиќ делата ги сторил  заедно со друго непознато лице на  4-ти септември 2015-та од  3 до 3,30 часот.

Тој е осуден откако вештите лица споредувајќи ги влакната од обвиениот и тие пронајдени во автомобилот кој бил одземен, утврдиле дека се слични по должина боја и по срцевината – структурата  на влакното.  Едно од момчињата над кое е извршено разбојништвото го препозна во судницата, иако Енедин бил маскиран кога ограбувал.

Потоа Ибрахимовиќ го извршил делото со автоматска пушка која била пронајдена неколку дена подоцна кај него, кога изврши разбојништво на менувачница во Велес.  Ибрахимовиќ не го призна делото, туку пред судот бараше ако открие од каде ја купил пушката со која пукал,  да биде ослободен.   

Според обвинението  на 4-ти септември 2015-та година, околу 3 часот, на локалниот пат Раштани -  Велес, со закана од автоматска пушка,  Енедин и соучесникот,   сопреле патнички автомобил  опел астра, во кој се превезувале две лица, момче и девојка.  Откако ги изнеле од возилото, им се заканиле по живот, по што испукале куршум во нозе пред нив и наредиле да постапуваат како што ќе им наредат.   

Ги внеле во возилото, со вперена  пушка во возачот  наредиле да вози до Башино село. Кога стигнеле до Бензинската пумпа, Башино гас,  сопреле, грабнатите добиле наредба да чекаат  во автомобилот, но младите успеале да истрчаат од колата и избегаат. Двајцата сторители влегле во бензинската пумпа, со пушката им се заканиле на двајцата вработени, да им ги дадат парите и откако ги добиле, Ибрахимовиќ почнал да пука во инвентарот на  објектот.

По ова влегле во возилото и побегнале. Додека двете лица ограбувале, двете грабнати лица побегнеле  од автомобилот.   Следниот ден автомобилот  бил пронајден близу наплатната рампа на автопатот кај Градско. При грабежот  одземени биле 40 илјади денари.  

Обвинетиот Ибрахимовиќ три дена подоцна го стори разбојништвото  во  менувачница во Трговскиот центар во Велес, кога со закана од  пушка од вработениот се обиде да одзеде пари, но беше фатен, иако  пукал од неа. При вештачењето во МВР се утврдило дека  од истото оружје се  извршени разбојништвото на бензинската и во  менувачницата.

Разбојништвото во менувачницата Ибрахимовиќ го призна делото и доби 15  години затвор, заедно со   кривичните дела предизвикување на општа опасност и  недозволено држење на оружје. Кога ги стори овие дела, Ибрахимовиќ беше во бегство од штипскиот затвор. 

Таму лежеше казна затвор од 15 години поради  вооружен грабеж на бензинска пумпа во велешко и тешка кражба во дом, при што ги малтретирал децата за да кажат каде се парите на родителите.

АНКЕТА »

Дали учениците од 1-ви септември треба да тргнат на настава во училиште?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »