речник контакт

250 години кралица на восокот

Музејот на восочни фигури е голема туристичка атракција на Лондон. Во него можат да се видат познати личности. Меѓу нив е и самата Ен Мари Тисо, жена за која постојат многу легенди

Петар Печков

Во свет во кој потеклото и општествениот статус играле голема улога, таа немала речиси никакви шанси. Родена е на 7 декември 1761 година во Стразбур во сиромашно семејство. Нејзината мајка била слугинка, а татко и починал набрзо по нејзиното раѓање. Со други зборови, девојчето Ен Мари Гросхолц не можела многу да очекува од животот. Но, како што тоа многу често е случај во биографиите на познатите личности, судбината и луѓето кои ги запознала во текот на животот влијаеле нејзиниот живот да појде по една друга насока од очекуваната и на крај да стане дури и една од најпознатите жени во светот.
 
„Перверзен“ доктор како вистински учител

Прво вакво лице кое и пружило помош бил докторот Филип Кертис кај кој се вработила нејзината мајка. Во неговата ординација девојчето за прв пат се сретнало со восочни фигури. Докторот тие фигури ги изработувал сам, иако тврдел дека тие му служат во медицински цели, многумина наведувале дека всушност се работело за кукли кои ги користел за „задоволување на своите порнографски нагони“.

Неколку години подоцна Кертис се досетил и на уште нешто друго. Во Париз, каде живеел во тоа време, се побогатиот слој на граѓани често купувале и емитирале мода до тогаш резервирана исклучиво за благородниците. Неговата ординација, т.е. кабинетот наскоро се претворил во место каде „новите богаташи“ на фигурите од восок можеле да ги видат најновите модели на фустани и разни перики.

Ен Мари која во меѓувреме станала девојка, често му помагала при изработувањето на восочните фигури, а тој постепено ја воведувал во сите тајни на оваа ретка вештина. Набрзо ја усовршила својата техника за изработување на кукли од восок до таа мера што сведочат и голем број разни личности кои ги правела од восок, како и се поголемата популарност меѓу париските високи слоеви на општеството.

Бидејќи имала и голема смисла за „бизнис“, во деновите на Француската револуција во 1789 година, го изработила и својот прв „политички восочен кабинет“ во кој посетителите можеле да ги видат сите најважни и најголеми херои на револуцијата, како и убиените членови на кралското семејство. Но, наспроти се, некаде во почетокот на 19 век (поточно во 1802 година), во Париз се помалку луѓе се интересирале за нејзиниот кабинет. Ен Мари Тисо заедно со сопругот инжинерот Франсоа Тисо биле принудени да ја напуштат Франција и одлучиле среќата да ја побараат во Англија, т.е. во Лондон.

Непогрешлива интуиција и планетарен успех.

И овој пат се покажало дека нејзиниот инстинкт не ја изневерил. Имено, во тоа време во Англија внимание привлекувале сите кои на кој било  начин се занимавале со спиритуализам, како и со сите форми на илузии и магии. Патот за нејзините восочни фигури повторно широко се отворил.Меѓутоа, освен совршено изработените Робеспјер, Мари Антоанет, Мадам Тисо (како што ја нарекле), целата приказна дополнително маркетиншки ја збогатила со измислени детали дека во текот на својот живот во Франција лично ги познавала не само хероите на Француската револуција, туку и членовите на кралското семејство.

Како резултат на новата популарност ја отварила семејната компанија „Мадам Тисо и синовите“ и изнајмила изложбен простор во центарот на Лондон на ул. Бакер. Оваа компанија денес поседува уште 11 подружници во светот, така што нејзините восочни фигури можат да се видат во Лондон, но и во музеите „Мадам Тисо“ во Њујорк, Берлин и Шангај


 текстот е преземен од Дојче Веле

АНКЕТА »

Дали летово планирате да одите на одмор и ако одите каде?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »