речник контакт

Oтворена изложба од 18. Интернационална Кичевска ликовна колонија 2011

На изложбата во Велес се претставени 40-тина слики, масло на платно изработени во различни техники.

Петар Печков


Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше отворена изложба на слики од ликовни уметници, учесници на 18. Интернационална Кичевска ликовна колонија. Од 70-тина дела од колонијата, меѓу кои и неколку големи скулптури во метал, на изложбата во Велес се претставени 40-тина слики, масло на платно изработени во различни техники.

Во јули минатата година, 18 пат во  таканаречената Куќа на уметноста, во прекрасниот амбиент во непосредна близина на  манастирот Кнежино, твореа 20 автори од 14  држави од Европа, Азија и Америка.

Изложбата ни дава можност за согледување на актуелните ликовни случувања преку творештвото на ликовните уметници од цел свет, кои работејќи во различни стилови, сепак со ист жар на платно ја пренесоа воодушевеноста од прекрасната природа и мистичниот амбиент, изјави Горан Донески, одговорен за колонијата  од А.Д.  „Тајмиште‘‘ - Кичево,  кои се основачи и организатори на Кичевската колонијата.

Интернационалната Кичевска ликовна колонија е една од најплодните и побогатите со својот фонд од повеќе од илјада слики, графики и скулптури. По Кичево, изложбата веќе е претставена и во Скопје, Струмица, Штип и сега во Велес, а се планира и во Прилеп и Битола.

Донески најави дека има шанси првпат годинава таа да биде изложена и во странство, во соседна Србија, Бугарија или Хрватска, за што се уште се преговара.

Годинашната Кичевска ликовна колонија ќе се одржи од 7 до 21 јули и за неа веќе има интерес од голем број  ликовни уметнииц од земјава и странство, потенцира Донески.

АНКЕТА »

Велес е еден од малкуте градови во Македонија, кои немаат пешачка зона во центарот на градот. Дали сте за улица 8-ми септември од Сармаале до споменикот на Илинденците да биде затворена за сообраќај а тој дел пешачка зона?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »