речник контакт

Ѕидан мост во Богомила споменик од римско кој го уништуваат камиони

Камениот мост во село Богомила е во лоша состојба и постои опасност тој да биде оштетен и да се прекине сообраќајот и животот кон селата од Азот, предупредуваат од локалната власт во општина Чашка.

Петар Печков

Камениот мост во село Богомила е во лоша состојба и постои опасност тој да биде оштетен и да се прекине сообраќајот и животот кон селата од Азот, предупредуваат од локалната власт во општина Чашка. Тие изминатите години, во повеќе наврати алармирале за Стариот Камен мост кој е заштитен споменик на културата од 1953 година. Бидејќи по него се движат тешки теретни возила кои транспротираат кварц и дрва од планината Јакупица, на него се настанати оштетувања, кои можат да предизвикаат сериозни последици.

- За жал и покрај нашите предупредувања, досега не се превземени никакви мерки кои ќе придонесат за зачувување и заштита на овој мост. По наша покана, тој беше испитан од страна на стручњаци од Националниот конзерваторски центар на Македонија. По извршениот увид тие изготвија извештај и констатираа дека на него се одвива товарен сообраќај кој негативно влијае врз стабилноста на мостот. Поради ова тие бараат забрана на секаков вид моторен сообраќај, конзервација и реконструкција на мостот како и изградба на нов мост преку реката Бабуна – вели Стојан Маневски, градоначалник на општина Чашка. Тие за да ги запознаат налдежните со овој проблем писмено се обратиле  до Фондот за патишта и до Управата за културно наследство со цел да се почитува бараниот режим на заштита на овој споменик на културата, но досега не добиле никаков одговор. Надлежните велат, проблемот го знаат но за негово решавање треба проект и пари.

- До нас стигна извештајот на  колегите стручњаци кои констатирале одредени аноималии. За да можеме да превземеме било што, треба да се изработи проект како да се санира мостот, па со тој да одиме пред Влада и Министерството за култура, кои треба да одобрат средства па тогаш да почнеме да работиме. Управата нема  пари на располагање за да може самостојно да работи – изјави директорот Паско Кузман. Камениот моот во село Богомила потекнува до римско време и спаѓа во групата рустични мостови. Преку него се одвива целокупниот сообраќај за превоз на товар од планинскиот масив на Јакупица кон Чашка како и за доаѓањето на бројни домашни и странски гости кон планинарските домови во Папрадиште, Чеплес и врвот Солунска глава.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »