речник контакт

ЈКП Дервен не е по мерка ниту на власта ниту на опозицијата

Иако претпријатието покажа добивка од 1,65 милиони денари, не е изгласана завршната сметка а побрана е и смена на УО и надзорниот одбор

Петар Печков

На денешната седница на Советот на општина Велес едногласно советниците од власта и опозицијата покажаа незадоволство од работата на ЈКП Дервен. Иако претпријатието покажа добивка од 1,65 милиони денари, наспроти ланската загуба од  4,1 милион денари, тоа не беше доволно да се добие преодна оценка.

По невообичаено кратката расправа од само 15-тина минути, наспроти тие кои траеле со часови, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кренаа рака и не ја изгласаа завршната сметка на ЈКП Дервен. Координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ Александар Колев ваквото нивно гласање го образложи со распределбата на дел од  вишокот на  пари кои завршиле како награди за вработените во претпријатието, наместо за инвестиции.

Советот на општина Велес на ЈКП Дервен му одбори на  ЈКП Дервен два милиони денари  за надоместоци за вработени. Од извештајот се гледа дека лани се потрошени  3,4 милиони денари. Ваквото работење не е во согласност со интересите на граѓаните. Пари се делени како новогодишни награди, награди за пензионирање. Ако остварило вишок средства, треба да ги врати преку инвестиции кои ќе значат поквалитетни услуги за велешани. Зголемените трошоци се распределени   без одлука на Управниот Одбор а со решение на директорот, наспроти Статутот на претпријатието  - рече Александар Колев кој му забележа на директорот на ЈКП Дервен Сашко Крстевски за неговото отсуство од седницата.

Тој  ваквата разврска на случувањата во  ЈКП Дервен  ја наведе и на претходната седница на Советот кога изрази незадоволство од  распределбата  дел од средствата на ова Јавно претпријатие.

Од ЈКП Дервен објаснуваат дека според Законот за работни односи, тие  се потписници на Колективниот договор.  Од страна на Советот во 2006-тата, претседателот на УО бил делегиран да го потпише тој Колективен договор, според кој работодавецот, во случајот директорот на ЈКП Дервен е тој што решава за наградувањето во претпријатието а не УО. И тие постапувале согласно тој Колективен договор.

Советникот Колев покрена постапка за  разрешување на членовите на Управниот и Надзорниот одбор, именувани од Советот на општина Велес. И таа беше едногласно усвоена. Координаторот на советничката група на СДСМ Дејан Гавазов рече дека одредени кадровски решенија во ЈКП Дервен се  несоодветни.

Видовме и негативно финансиско  работење на ЈКП Дервен а беше а  позитивно  прифатено, се даваше согласност за покачување на цените кои го оптоварија сиромашниот буџет на велешани. Со ова се потврдуваат нашите ставови дека кадровските решенија во ЈКП Дервен не се добри и потребни се промени во УО и надзорниот одбор. Драго ми е што овој заклучок е поднесен од колегите на власта и ние го поддржуваме – рече Гавазов.

Турболенциите во ЈКП Дервен започнаа пред две години, откако Уставниот суд ја укина комуналната такса која беше неправилно покачена. Поради тоа во еден период од 2010-тата  тоа забележа и загуба од 7,1 милион денари. По покачувањето на ѓубрарината и гробарината во есента 2010-тата ЈКП Дервен започна да се опоравува. Во 2010-тата година за прв пат од неговото постоење забележа загуба од 4,1 милион денари за да по 12 месеци посигне позитива од 1,65 милиони денари. Во меѓувреме платите на вработените и натаму се намелени за десет отсто и тие не добиваат регрес популарниот К-15, кои беа воведени како мерки на штедење.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »