речник контакт

Ја продава ретката стрип колекција за да преживее

Голема колекција стрипови, од кој некои се раритетни примероци, ќе заврши надвор од границите на Македонија откако велешанец започна да ја продава поради беспарица.

Петар Печков

Голема колекција стрипови, од кој некои се раритетни примероци, ќе заврши надвор од границите на Македонија откако велешанец започна да ја продава поради беспарица. Таа брои околу 15 илјади наслови и во неа има ретки македонски изданија кои на пазарот достигнуваат цена од стотина и повеќе евра за примерок.

Ване Трајков, кој важи за најголем колекционер на стрипови во земјава се реши на овој чекор за да може да преживее, тој и неговото семејство.   

- Јунаците за жал само во стриповите се непобедливи, овој пат животот уште еднаш покажа дека така е само на хартија. Тие ќе завршат неславно поради мојот проблем, невработеноста. Ова беше најтешка одлука во мојот живот. Се што собирав со години сега морам да го продавам за да дојдам до некој денар. Не е ни малку лесно да се откажам од мојата страст, за да овозможам семејството нормално да живее – вели Ване Трајков, кој три години е невработен, претходно работел во АД Киро Ќучук.

Неговата сопруга работи како продавач, додека двете ќерки студираат. Ова било причина тој да реши да ја оттуѓи стрип колекцијата која е сместена на десетина метри квадратни во поткровјето од неговата куќа. Горд до пред некое време што во негова сопственост се изданија кои се единствени и вредат вистинско богатство на берзата, сега тажен што истите ги продава. Има малкумина негови истомисленици во земјава и најчесто комуницира со колеги од Србија, Хрватска, Словенија, кои откако дознале дека ја продава колекцијата, започнале да ги купуваат ретките изданија.

Љубовта кон стрипот кај Ване Трајков се родила уште во далечната 1963 кога сестра му од училиште ги донела првит? изданија на „Наш свет“, „Дечје новине“, „Кекец“. Тој може да се пофали дека го има и првиот број на „Политикин забавник“ од 1939 година, ги поседува првите изданија на стриповите на македонски јазик „Тарзан“, „Бетмен“ и „Супермен“, кој, пак, во 1963 година се викал „Челичното момче“.

Подвиг  било што овие изданија, први во тогашна Југославија, списанието „Наш свет“ ги пласирало и тоа на македонски јазик. Тие броеви се вистинско богатство на берзата на стрипови. Во негова сопственост се и сите изданија на „Никад робом“, каде што има и неколку епизоди од македонската историја, како што се „Гаврил Радомир“, „Карпош“, „Цар Самуил“, „Крушевската Република“, „Добромир Хрс“, „Ѓорги Војтех“, кои според неговите сознанија се единствени примероци во земјава поради што се многу скапи. Трајков успеал и да издаде два македонски стрип-романи „Мис Стон“ и „Ајдучка чешма“ а работи на  издавањето на стриповите „Крале Марко“ и „Итар Пејо“, за што бара финансии од Министерството за култура.

Во рамките на Стрип-центарот кој работи во Велес, тој ја создаде и стрип-библиотеката, единствена во Македонија во која посетителите можат да прочитаат некои од шесте илјади стрип-изданија. 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »