речник контакт

Јубилеј на ансамблот „Распеани велешани“

Велешката песна се\' уште се пее

Петар Печков

Ансамблот „Распеани велешани“ веќе 35 години ја чува традицијата на старата велешка песна.

Триесетина члена-ентузијасти љубоморно опстојуваат пркосејќи им на времето и на финансиските проблеми и, како што самите велат, не знаат за не може и нема. Тие се секогаш таму каде што треба да се запее, да се развесели. Од срце и од душа, онака како што само тие знаат и умеат ги пеат старите велешки песни. Така го чуваат аманетот што постарите му го дале на прославениот песнопоец Ало Тончов, синоним за велешката песна.

- Наследството што ни го остави Ало Тончов и аманетот „велешката песна не смее да умре“, се\' уште ги чуваме и ги одржуваме. Ансамблот што е симбол на Велес и за кого знае речиси цел Балкан мора да продолжи понатаму. Велешките песни мора да опстанат за следните генерации - вели Властимир Ристов, најстариот член во „Распеани велешани?? кој веќе 32 години се дружи со велешката песна.

Ансамблот е формиран во 1971 година и годинава слави јубилеј - 35 години работа. Ова е можност да се потсетат на гласовите на Ало Тончов, Киро Анѓуш, Панче Ќурчиев, Орце Ѓакот или Пала Дрнковица, Васа Пласкица, Веса Маџарица. Тие биле иницијаторите за работата на ансамблот. Заедно пееле во мешан женско-машки хор. Така и дошле на идеја дека на Велес му треба и состав што ќе ја негува старата велешка песна.

Така започнале да ги пеат „На Којник дуќан да имам“, „Што ми е мило и драго сејмен да шетам по Бузаана“, „Во влашкото маало“. Денес пеат и некој други, подзаборавени песни за Мара Акчиова, за Ленчето ‘Ржарово или „На сред Којник дрво јаворово“.

- За нашиот репертоар се грижи Ружица Абрашева и секоја година го обновуваме со две-три стари песни што се подзаборавени. Така можеме на концерт да исполниме и до 30-тина песни и тој да трае и повеќе од два часа - вели Бранко Јамнадиев, кој во ансамблот е веќе 24 години. Но, додава дека на групата и\' треба подмладување и освежување како со луѓе така и со нови костими.

Облеката што ја носат жените е во стилот на раните 30-ти години од минатиот век, кога започнала и традицијата на старата велешка песна. Тогаш велешани под многубројните јавори, во вечерните часови, седеле, муабетеле и пееле. Еснафот во градот, занаетчиството и врските со светот оставиле трага во музиката, која е надалеку позната. За неа слушнал и турскиот султан, пред кого свирела велешката чалгија. Традицијата ја продолжува чалгијата што работи во рамките на „Распеани велешани“.

- Чалгијата е составена од четири инструменти: кларинет, џумбуш, дајре и виолина. Хармоника и труби, како што денес има во некои чалгии, ги нема кај нас. Можеби токму затоа што успеавме да го зачуваме нашиот стил на изведба се\' уште и не бараат - вели Благоја Милевски, раководител на чалгијата. За жал, не се активни како пред неколку години, кога имале до 30 концерти годишно.

Во последните години одвај одржуваат и до 10 концерти годишно. Беспарицата го прави своето, но затоа имаат желба за јубилејот, пред своите велешани да се претстават со голем концерт за повторно да одекне песната што Велес го прослави низ светот.

АНКЕТА »

Дали ФК Борец ќе го мине баражот и од есен ќе игра во Втората фудбалска лига?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »