речник контакт

Љубовна приказна без крај

За срната Петранка и срндакот Никола од шумите на Јакупица

Петар Печков

Љубовната приказна за Петрана и Никола не е извадок од љубовен роман туку вистинска која се случи во природата, во густите шуми на Јакупица. Главните актери не се познати филмски ѕвезди, за кои гледачите ќе се тепаат ва влезат во кино и ги гледаат на подвижни слики. Не се ниту лица од соседство со кој се сретнувате секој ден, туку се две срни кои љубовта ги припитоми а човекот ги згрижи.

Дејствието на оваа несекојдневна приказна се случува  на рибникот во селото Нежилово велешко, длабоко во пазувите на планината Јакупица, во подножјето на Солунска глава, блиску до ладната  вода на реката Бабуна, која  шумоли и ја пренесува оваа приказна,  долж нејзиното течение.  Љубовта помеѓу срната Петранка и срндакот Никола започнува пред осум месеци, ланското зимо.

Петранка е срната која при бегство од шумските ѕверови, пред четири  години изнемоштена, прегладнета, ранета бега во дворот на рибникот во Нежилово сопственост на Трајче Димовски. Таа оттогаш е тамошно милениче, но и на бројните гости. Во сите овие години се случувало таа да побегне и пак да се врати. Така било и ланскиот ноември.

Се случуваше Петранка  да избега и по некое време се врати. Повикот на природата беше силен, така што ние и ќе ја прежалевме а таа се враќаше. Лани во ноември ја снема, побегна. По осум дена, на Св. Никола таа беше повторно во нашиот двор, на наша голема радост, но овој пат со еден мажјак, срндак. Бидејќи тоа беше на Св. Никола решивме да му дадеме име Никола. Интересно е што Петранка го доби името затоа што ни дојде на Петровден пред четири години. Така се случи двете срни кои ги имаме, да најдат свој дом тука кај нас, на голем ден Петровден и на  Св. Никола.  Сам Господ ни ги испрати, да ги пазиме, чуваме, одгледуваме – вели Трајче.

Сега овие две мили животни се во дворот од објектот, пасат трева, позираат на посетителите, минуваат покрај нив и се галат. Откако Петранка го доби својот животен сопатник Никола, таа веќе не побегнала. Нивните одгледувачи се надеваат дека во некое блиско време тие ќе добијат и потомство, што ќе биде уште поголема радост за нив, но и за сите што ги сакат животните, посебно овие мили суштества.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »