Петар Печков
Објавено: вторник, 01 јули 2014
Реконструкцијата на мостот Гемиџии создаде гужви во одвивањето на сообраќајот во градот. Велешани тоа го прифатија, оти треба да се санира мостот стар половина век. Но реагираат на темпото со кое ангажираната фирма ги изведува работите. Стручни лица сметаат дека треба максимално да се искористи овој период, кога денот е подолг, за работите да завршат поскоро.
Има премалку вработени кои ги изведуваат градежните работи. Со десетмина работници не се работи ваков капитален објект. Згора на тоа работат од 8 до 3 попладне , што е исто премалку. Треба сега кога денот е долг, да се работи до вечер, до кога се гледа. Така ќе се сработи повеќе а градот нема да има километарски опашки колони возила кои чекаат на единствениот мост, кој сега го спојува градот. Со вакво темпо на работи се сомневам дека мостот ќе биде завршен кон крајот на август – вели градежен инженер од Велес.
Поради тоа што целокупниот сообраќај е пренасочен на единствениот мост кој ги поврзува двата дела на градот, каде пак железничката рампа се спушта рачно не електронски, на секое минување од 23-те што патнички што товарни воза кои сообраќаат низ Велес, се создаваат огромни колони. Во пазарните денови тие стигнуваат до некогашниот хотел Вила зора од едната и до Офицерскиот дом до другата страна на градот . Така велешани губат чекајќи да мине возот и по 15-тина минути. Или тоа е најмалку 4 часа во градот сообраќајот е во колапс.
Затоа се бара и фирмата Синтек која ги изведува работите да ги заврши во дадениот рок, до крајот на август. Реакциите на велешани стигнаа и до премиерот Никола Груевски, кој на недамнешната посета на Велес, надвор од протоколот, дојде да се увери како напредува реконструкцијата. Директорот на Синтек најави дека работите одат според планираното темпо.
Се работи според планот и очекувам дека мостот за сообраќај може да биде готов во дадениот рок, до крајот на август. Потоа ќе работиме на санација на долниот дел, која нема да биде пречка за користење мостот – најави директорот на Синтек.
И додека тој уверуваше дека се работи максимално, соседите од блиските продавници, велат дека веќе од следниот ден, повторно имало помал број работници кои завршуваат во три часот попладне. Столарот Ангел Миланов се сеќава кога мостот се градел, дека тоа било вистинско градилиште.
Се работеше цел ден се додека се гледа. Имаше и стотина работници, не како сега со пет души, кои работат осум часа. Не верувам дека ќе успеат навреме да го стасаат, Тогаш кога мостот се пушти, преку него прво мина бордот Галеб, за Охрид, го носеа на специјален камион - вели Миланов. Од ЈП за државни патишта, по реакциите на велешани, уверуваат дека работите се одвиваат со планираното темпо.
Мостот ќе биде изграден во планираниот рок. Такво уверување добивме од фирмата изведувач. Објаснија дека се работи од 7 до 17 часот со дваесетина лица кои се ангажирани во Велес – изјави Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта. За оваа инвестиција државата обезбедила 32 милион денари, средства до Буџетот.
Tweet |