речник контакт

Џинот голем и по име и по дело

Меѓу оние велешани кои низ времето ги рушеле границите на тоа што е прифатено како норма и храбро воведувале модернизам нештедејќи се и по цена на сопствениот живот, е и преродбеникот и учител Јордан Хаџи Константинов – Џинот.

Петар Печков

Авангардноста е во корените на Велес. Тука е отворено првото училиште, првата гимназија на Балканот е во Велес, првата библиотека, првиот музеј, првиот социјалист е роден тука, во Велес е напишан првиот драмски текст на македонски јазик, на велешката театарска сцена прв пат настапила жена...

Карактеристичен по својата типична велешка и староградска архитектура, распослан високо по камените ридовите на двата брега на Вардар по неговиот пат кон Егејот, важи за една од лулките на македонската култура. Градот бил дом на голем број македонски преродбеници, револуционери, бесмртни писатели, поети, културни дејци...

Меѓу оние велешани кои низ времето ги рушеле границите на тоа што е прифатено како норма и храбро воведувале модернизам нештедејќи се и по цена на сопствениот живот, е и преродбеникот и учител Јордан Хаџи Константинов – Џинот.

За неговото име и дело врзани се почетоците на организираното школување на децата и на почетоците на театарската дејност во Велес кои датираат меѓу 1864 и 1866 година. Во куќата-музеј на сестра му Марија – Маца Џинова се чува споменот за него и неговата неуморна борба за просветителско издигање на македонскиот народ се’ до неговата смрт во родниот Велес во 1882 година.

Приказната за него ја пренесува Марин Клифов, кустос и раководител во Народниот музеј Велес, кој заедно со колешката Павлина Василева, се автори на поставката за Јордан Хаџи Константинов – Џинот. 

Кој беше Џинот?

Јордан Хаџи Константинов – Џинот (1821 -1882) бил просветен, книжевен и културнонационален деец, зачетник на македонското просветителство. Околу четири децении тој неуморно работи на воведување на образование на народен јазик по разни училишта во Македонија, од родниот Велес, преку Скопје, до Прилеп и други места. Жив темперамент, борбен и голем бунтовџија Џинот во текот на целиот свој живот доаѓал во судир со чорбаџиите и владиците, со разни учители и други кои не го делеле неговото мислење во поглед на потребата за воведување народен јазик во училиштата и за добивање народни црковни старешини.

Начитан како ретко кој од тоа време, со модерни разбирања за животот и односите меѓу луѓето, тој во се’ отскокнувал од својата средина и затоа бил неприфатен и неразбран.

Во описите на неговите блиски и оние кои пишувале за него, се кажува дека бил човек од среден раст, слабичок, со тенки правилни црти на лицето, со бледа чиста кожа. Се облекувал по европски, не пиел и не пушел. Постојано во конфликт, често принуден да го менува местото на живеење, апсен и прогонуван, Џинот како да немал време за лична среќа.

Умрел како неженет човек, беќар, во домот на единствената сестра која ја делела истата негова судбина. Заминал со неостварена желба огромната сестринска куќа да ја претвори во училиште во кое тој ќе им го пренесува своето стекнато огромно знаење на велешките деца на разбирлив народен мајчин јазик.

Упорен до смрт во својата мисија

Животната приказна за Јордан Хаџи Константинов започнува кон крајот на 1821, почетокот на 1822 година во познатото велешко маало Прцорек, на левата страна од Вардар. Роден е Јордан, познат под прекарот Џинот. Во својот живот Џинот често се потпишувал и како Кочков и Чинов Трајков.

Откако ги завршил келијните школи во Велес, татко му Костадин – Кочо, кој што имал уште два сина и една ќерка и кој многу години бил клисар во велешката црква „Свети Спас“, го испраќа 15-годишниот Јордан во Самоков да го продолжи школувањето. Јордан таму останал одвај половина година и при крајот на 1836 година се враќа дома во Велес.

Веќе следната година ученољубивиот клисар Кочо го испраќа синот во Солун на понатамошно школување. Колку време Јордан останал во Солун не е познато. Познато е дека престојот му помогнал да го научи одлично грчкиот јазик и за тоа време новиот школски метод, што подоцна ќе го користи во училиштата каде што ќе учителува.

По завршеното образование, околу 1838-1839 година се враќа во родниот Велес и почнува да ги учи децата во својата куќа во маалото Прцорек. Од тогаш всушност и започнува неговата борба за воведување на народниот јазик по училиштата. Наставата ја изведувал по познатата Ланкастерска метода, а вовел и посебен војнички режим во училиштето. Децата ги делел на групи. На десет деца ставал по еден онбашија – десетар, кој носел црвена панделка на рамото. Потоа имало чауши или водник со жолта плочка на градите и на крај јузбачии или капетани со дрвени сабји на појасот.

Децата гордо се шетале низ градот со своите украси. Тие се грижеле за редот во училиштето и ги воделе децата до дома. Џинот пладневните молитви со учениците ги изведувал на улица, каде се собирало мноштво народ за да ги гледаат дисциплинираните ученици и нивниот строг учител.

Тој во своето училиште го вовел и народниот мајчин јазик, а е заслужен и за осовременување на наставните методи и воведување на нови предмети. Учениците покрај добиеното знаење за свештеници, стекнувале знаења кои подоцна ги применувале во трговијата и занаетчиството.

Неговото прво учителување не траело долго. Велешките чорбаџии заедно со тогашниот владика сториле се’ да ја попречат неговата работа како учител. Бил наклеветен дека е српски и руски шпион. По извршениот претрес во неговата куќа од страна на турските заптии и соочен да биде уапсен, Џинот го затвора училиштето и заминува најпрво во Солун, а потоа на Света Гора. Извесен период престојува на островите Хиос и Патрос, по што одново се враќа дома со намера да учителува.

Но, неговата благородна намера не наидува на разбирање и одобрување ниту кај новиот велешки владика Теоклит кој му го затвора училиштето. Џинот одново заминува од Велес и оди во Влашко и во Белград каде се остручува во училиштата во кои има воведено школски таблици.

Иако свесен за опасностите што го демнат на секој чекор, Џинот не се откажува од својата благородна мисија да ги образува децата во својот роден Велес на мајчин јазик. Одново се враќа дома и одново се зафаќа со учителска работа. Но, и новиот владика Авксентиј Болгарин ја оневозможува работата на македонската школа на Џинот. По трет пат учителот е принуден да замине од Велес, овојпат во Скопје каде во 1848 година учителува во парохиската црква „Света Богородица“.

Во Скопје Џинот останува цела една деценија. Под притисок на грчките фанариоти заминува за Цариград, денешен Истанбул и од таму за Белград. На неговата активност за унапредување на просветата на народен јазик, одржувањето на проповеди, изведувањето на школски претстави, основањето на „Славјански дом“, неговата соработка со „Цариградски весник“ и одржувањето на врски со разни луѓе и установи во Цариград, Србија и Русија, не се гледало благонаклоно. Џинот е повторно наклеветен пред турските власти како антидржавен елемент и руски шпион, особено за време на Кримската војна во 1855 година и мора да го напушти и Скопје и се засолнува во велешкиот манастир „Свети Јован“.

Но, и овде не наоѓа мир. И натаму е прогонуван од грчкиот владика Авксентиј. За прогоните на грчкиот владика Џинот пишувал повеќепати со голема огорченост. Неможејќи да остане во родниот град заминува за Цариград. Таму работи во „Цариградски весник“ во кој и пред тоа објавувал свои трудови. Се враќа во Скопје во почетокот на 1854 година.

Несогласувањата со чорбаџиите и владиката продолжиле и понатаму. Џинот е обвинет за бунтување на граѓаните против власта. Овие несогласувања траеле се’ до 1856 година. Во овој период тој соработувал со Белградското читалиште, со „Друштво српске словесности“ и Министерството за просвета. Ни во текот на 1856 година односот кон Џинот не се сменил и тој пак морал да го напушти Скопје во 1857 година.

 Заминува за Белград каде останува до 1858 година. Во почетокот на 1859 година кратко престојува во родниот град пред да замине за Прилеп каде е ангажиран за учител. Повторно се враќа во Велес во 1860 година каде бил уапсен и протеран во прогонство во градот Ајдин во Мала Азија. На патот до таму, бил тепан, духовно и физички злоставуван. Последица од едно камшикување е губењето на десното око.

Во прогонство Џинот останал до крајот на октомври 1863 година по што многу напатениот учител конечно се враќа во родниот град каде и останува до својата смрт. Умира во август 1882 година.

Каде точно се наоѓа неговиот гроб не е познато. Но, и денес во црквата „Свети Спас“ стои спомен-плоча што во 1883 година ја подигнала неговата сестра Марија – Маца Џинова.

Ги удира темелите на книжевноста

Џинот уживал глас на добар учител, на умен човек и на филозоф. Покрај редовната учителска работа низ училиштата во Македонија и надвор од неа, Џинот постојано и вредно работел и на книжевен план.

Првото негово книжевно дело е неговата „Таблица перваја“, еден практичен училишен текст сличен на многубројни „таблици“ во соседните држави.

„Таблица перваја“ на Џинот содржи поголем број морализаторско –дидактички мисли напечатени во два столца со големина 44/32 сантиметри. Некои претпоставки говорат дека таа била испечатена во првата македонска печатница на Теодосиј Синаитски во Солун, а има и мислења дека таа би можела да биде печатена во печатницата на даскал Камче во село Ваташа. Во секој случај „Таблица перваја“ била во употреба веќе во 1845 година.

Содржински најблиску до „Таблица перваја“ се зачуваните две збирки од афоризми и филозовски мисли на Џинот што се публикувани по ослободувањето. Јордан Хаџи-Константинов – Џинот е еден од првите македонски стихотворци. Просветителскиот тон се насетува и во стихозбирката „Плач на скопското училиште многутрудное“., издадена во 1851 година. Насловите на стихотворбите на Џинот се: „Рај божји“, Дионис Вахко“, „Труд ми е името“, и песната „Горка чаша књаз Лазара последна тајна вечера“.

Интересно за него е дека Џинот бил најголем собирач на старини, особено собирач на книжевно-историски споменици и располагал со најголема збирка ракописи. За жал, најголем дел од старините биле подарени или продадени на разни луѓе и установи во Белград. Најголема забележана пратка од такви споменици е од 1880 година. 

Основоположник на современиот театарски текст

Јордан Хаџи Константинов-Џинот е и прв драмски писател. Колку што е досега познато, тој напишал шест оригинални драмски сцени. Од тука се сугерира дека почетоците на театарската дејност во Велес, најверојатно, треба да се врзуваат со името на учителот Јордан Хаџи Константинов-Џинот и дека треба да бидат датирани меѓу 1864 и 1866 година. Според запишаните сведоштва на неговите тогашни ученици, во училиштето во Прцорек тие ја одиграле неговата драматизација на народната приказна Мечката и селаните. 

Во текот на следната деценија, како дел од активноста на Друштво за народна просвета „Искра“, театарската дружина, составена претежно од локални учители, ја изведува првата јавна претстава во Велес, Пропаднат трговец или смртна жртва. Театарската историја го евидентира и датумот на оваа премиера: 24 декември 1874 година, како и имињата на нејзините иницијатори: Никола Живков и Филип Симидов.

Една година подоцна, 1875, на велешката театарска сцена ќе излезе и првата актерка, учителката Тенка А. Коларова, протагонистка во популарната мелодрамаМногустрадалната Геновева. Макар што локалниот весник остро ќе ја критикува нејзината смелост „јавно да се покажува“ бидејќи дотогаш женските улоги ги толкувале исклучиво мажи,првата македонска актерка ќе продолжи со голем успех да го толкува ликот на Геновева.

Затоа и се верува дека од сите македонски градови токму Велес има најорганизиран и најконтинуиран театарски живот, од 1875 година. Ете и зошто со право велешкиот театар со гордост го носи името Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ и е стожер на културниот живот во Велес

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »