речник контакт

Автобусите празни, карти за патниците нема

Патниците од Автобуската се жалат дека на сметка на еден превозник кој се фаворизира, тие доцнат на работа. Надлежните тврдат работиме по Закон

Петар Печков

 Патниците од велешка Автобуска станица се жалат на услугите кои ги добиваат во утринските часови во работниот ден. Тие сметаат дека автобусот на Берово транс се фаворизира наспроти другите превозници, поради што  доцнат на работа. Ваквиот пристап бил од почетокот на декември кога е регистрирана нова автобуска линија. Од Автобуската станица ги отфрлаат  обвинувањата и велат дека тие само го почитуваат законот.

Патниците кои се возиме до Скопје наутро после 6,30 часот сме на голема мака. Доколку автобусите кои доаѓаат кон Скопје до 6,30 не стигнат на време,  дојдат некоја минута подоцна не можеме да добиеме карта за да се возиме со нив. Од автобуската ни продаваат билет за автобусот на Берово транс, кој тргнува во 7 часот и чекаме дваесет и кусур минути. Македонија не е Швајцарија па автобусите да бидат точни, така што се случува сите кои ќе задоцнат после 6 и пол да си заминат полупразни а патници има.

Едноставно  не упатуваат на Берово транс, за другите автобуси карти  нема. Конкретно автобус кој треба да дојде во 6,30 доаѓа во 6,35. Во него место има ама билети не се продаваат, па тој си заминува а ние чекаме до 7 часот – вели Кире Стојанов вработен во Скопје кој во работените денови патува на оваа релација.  За патниците уше почудно е што спорниот автобус на Берово Транс по чие воведување од први декември настанале проблемите е регистриран на линијата Башино Село  -Скопје и обратно.  За овој месец  и нешто дена откако се принудени  да се возат со него, ниту еднаш не влегол во оваа приградска населба на Велес.

  Нас на патниците ни е важно да стигнеме пред се на време, да патуваме со кого сакаме, изборот е наш, бидејќи јас плаќам. Ова фаворизирање на возилата на  Берово транс  доаѓа откако оваа компанија стана дел од компанијата која е сопственик на велешката автобуска станица. Месец дена сега постојано имам доцнење на работа, поради овој проблем. И да сакаш да влезеш во автобусите кои чекаат за тргнување наутро кон Скопје,  обезбедувањето не дозволува, па тие празни заминуваат.

Фаворизирањето се прави автоматски, така што после  шест и пол наутро, компјутерот дава билети само за Берово транс, друг автобус не може да добие патник. Сега за Нова година се случуваше автобусот  на Берово транс да се наполни, да нема билети за прекубројните патници па десетина од нив да чекаат следен автобус дури во 7 и пол.  Слично е и кога патувам попладне во 18 часот. Во овој термин има два автобуси, а билет секогаш даваат за Берово Транс, вториот може да чека колку сака, патници за него нема, додека не се наполни нивниот миленик. И повторно доцнење на работа, нервози, гужви – вели Никола Димов кој поради работните обврски е редовен патник на релацијата Велес – Скопје.

Тие за ова упатиле и жалба до Министерството за транспорт и врски,  кое врши надзор и контрола  на автобуските линии, нивната инспекција да ги провери состојбите во велешката автобуска станица. Од велешката автобуска станица потполно ја разбирале маката  на патниците во врска со превозот до нивните работни места, но не ги прифаќаат  и не се согласуваат со обвинувањата упатени на нивна адреса и сметаат дека немаат никаква одговорност за овој проблем.

Доколку некој од превозниците не дојде согласно времето утврдено со возниот ред и дозволата т.е задоцни, согласно законските одредби Автобуската станица без да привилегира одреден превозник, должна е да издава карти за следниот превозник по возниот ред.  Ваквиот начин на работа, доколку одреден превозник задоцни со своето доаѓање на Автобуската станица,  издавањето карти за истата таа релација да премине на следниот превозник по возниот ред, е во согласност со Законот. Ние  го почитуваме Законот и во никој случај не  привилегираме никого и даваме услуги под еднакви услови на сите превозници. Ако  превозник не се придржува кон времето предвидено за одржување на линија, тоа е на негова штета и во ваков случај ние  немаме апсолутно никаква одговорност – изјавија од Автобуската станица  Го- Ма Бус од Велес.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »