Петар Печков
Објавено: четврток, 18 септември 2014
Излета автомобил со српско семејство со место на живеење од Нови Сад, три патнички повредени, едната пренесена во Скопје, возачот неповреден.
Според велешката полиција сообраќајната несреќа се случила на автопатот А1 на делницата Демир Капија - Неготино кај местото викано Прждевски лаки, кога патнички автомобил марка „дачиа логан“ со регистарски ознаки од Србија слетал надвор од коловозот во десно и се превртел.
Во несреќата со повреди се здобиле три лица сопатници во автомобилот кои се пренесени во Медицински центар Велес заради укажување лекарска помош. Од велешката Болница информираа дека тоа се мајка со две ќерки, со место на живеење во Нови Сад.
Повозрасната 16 годишна ќерка поради тежината на повредите на главата е префрлена на Ургентен во Скопје, додека мајката и помалата ќерка се во стабилна состојба во Болницата во Велес.
Возачот раскажувал дека се враќале до Грција, дека наводно видел камионска гума на коловозот и се обидел да ја избегне, по што изгубил контрола и излетал. Екипи на СВР Велес вршат увид на местото на настанот. Ова е втора сообраќајка летово, каде учествуваа српски државјани, на истата делница кај Демир Капија.
Tweet |