речник контакт

Азот без струја

Свеќите се најбаран производ во Азот

Петар Печков

Електричните апарати во домовите на 8.000 жители на овој велешки регион повеќе служат за украс бидејќи ретко се употребуваат. На територија од 100 квадратни километри во општина Чашка нема ниедна бензинска пумпа

Најбаран производ во велешкиот регион Азот се свеќите. Околу 8.000 жители на селата Богомила, Извор, Чашка, Горно Јаболчиште и на уште 40 други во оваа општина секојдневно остануваат по неколку часа без електрична енергија.

Во домот на фамилијата Николовски во селото Чашка дел од електричните апарати повеќе служат за украс бидејќи ретко се употребуваат.

- Иако имаме телевизор, машина за перење, дивиди-плеер, малку ги користиме. Страв ни е од прекин на струјата, која без најава често ја снемува. Децата сакаат компјутер, но како да им го купам кога може да прегори при прекин на електричната енергија. Срамота е во 21 век да имаме мака со недостиг од струја - вели Стојан Николовски.

Пред некоја година, поради прекин на струјата, му прегореле сите апарати во домаќинството, а штетата не успеал да ја наплати од ЕСМ.

Неговиот проблем го делат сите 3.000 семејства во Азот. Жителите се жалат дека слабото електронапојување ги брка стопанствениците, кои во овој регион не можат да отворат фирми. Тоа резултира со ниска стапка на вработеност.

Тие стравуваат за зимава. Се плашат да не се повтори ланскиот случај, кога три дена немаа струја. Најчесто остануваат без електрична енергија кога ќе се стемни.

- Наместо навечер да гледаме телевизија или да слушаме радио, ние седиме покрај слабото светло од свеќите. Очите на децата се расипаа бидејќи учат во мрак. Вака не бива - се жали Николина Стојанова од селото Богомила, на која при последниот прекин и\' прегорел фрижидерот.

Надлежните во општината Чашка изјавија дека за проблемот со електричната енергија повеќе пати реагирале до ЕСМ и до „Електро Велес“. Градоначалникот Стојан Маневски вели дека секогаш добивале ист одговор - дека проблемот ќе се решава во наредната година, а минале веќе осум години.

Во „ЕСМ дистрибуција“ информираат дека се запознаени со маката на жителите на регионот Азот. Причината за честите исклучувања ја бараат во слабиот напон на старата трафостаница, лоцирана кај фабриката „Порцеланка“.

- Пред извесно време потпишавме договор со сопственикот на фабриката, кој му ја преотстапи трафостаницата на ЕСМ. Таа е стара и треба да се дотера, за што е изготвен елаборат. Проектот е блезен во новиот инвестициски циклус - изјави Ленче Карпузовска, портпаролка во „ЕСМ дистрибуција“.

И бензинот  е луксуз

За жителите на четвртата по големина општина во земјава според површината и бензинот е луксуз. На територија од 100 квадратни километри нема бензинска пумпа.

За да наточат бензин, мора да патуваат 30 километри до Велес. Често дома складираат гориво за да им се најде ако итно им притреба.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »