речник контакт

Актерството како живот и како семејна судбина

Нуркачи во височина: Благој Чоревски, актер

Петар Печков

Нуркачи во височина: Благој Чоревски, актер

Актерот Благој Чоревски (1947, Велес) е од најтеатарското семејство во Македонија. Неговиот татко Трајко играл во првата претстава на македонски јазик Платон Кречет во МНТ (1945), бил актер во НТ во Битола и во Велес, а во негов спомен е востановена наградата за најдобар млад актер на МТФ “Војдан Чернодрински”. Неговата мајка Ратка со децении играла на сцената на Битолскиот театар во кој и денес (и околу три децении) е неговиот брат Борис. Во најмладата генерација актери е внуката на Благој (ќерка на Борис), Лина Чоревска, која игра во претстави во Скопје, во Битола. Сите заедно секогаш ги имало или ги има во институционални или независни продукции
 
 
 
Театарот во семејството Чоревски е семејна судбина. Како постар син на брачната актерска двојка Чоревски, нашиот Благој заодил и зазборувал токму на театарската сцена. Нему и на неговиот помлад брат Борис, речиси никој не им се обраќа по име: првиот е Чоре Постариот, вториот е Чоре Помладиот. Така ги препознава и публиката. Официјално Благој (натаму само Чоре) на сцената на Битолскиот театар дебитирал на одвај 6 години: на плакатот за Војникот фалбаџија (1955) стои дека Благојче Чоревски игра едно од децата. Самиот Чоре има друга верзија: играл и кога имал 3 години во Македонска крвава свадба (1953)...

По завршувањето на средното училиште заминува во Софија и дипломира актерска игра на престижната Академија “Крсто Сарафов”. Од 1971 г. е во Драмскиот театар во Скопје, негов директор е од 1983 до 1998 г., следните две години е заменик-министер за култура на РМ, потоа претседател на Советот на Град Скопје, па негов член. Она што е важно е дека Чоре речиси и не ја напушта сцената, особено и во годините кога извршуваше други функции и ангажмани (политички). Ретко го немало во претставите што се поставувале на репертоарот на Драмски, но затоа, пак, секогаш го имало во независни продукции, во забавни емисии или кабариња, во телевизиски серии, гостувал во Театарот за деца и младинци, во Битола во мјузиклот Свирач на покривот (2007) го играше и пееше добродушниот Тевје...

Во театрографијата на Чоре се стотина ликови и тоа во претстави кои се препознаваат токму по неговата глума. Како што се препознаваат и по емисијата Хикирику која се емитува речиси три децении и има и сценска верзија во живо, по повеќе кабаретски или други популарни продукции (Коприварник, Женски оркестар). Го има и во филмската продукција ? Исправи се Делфина, Пресуда, Време води, Викенд на мртовци, Тетовирање, Самоуништување...Меѓу стотината ликови на сцената, Чоре го препознаваме во различни театарски жанрови, а најмногу по ликовите во комедиите, иако во нив, како бројка, најмалку играл. Играл и како актер во ансамблот, и како директор на театарот, и како заменик-министер и како носител на политичка функција. Секогаш искрено радосен и среќен од фактот што вечерта ќе ја помине на проба или на сцената, во некој импровизиран простор за таа пригода/изведба, што ќе биде со публиката која го обожува и му се радува. Исто како и колегите актери кога играат со него. Актерите во Драмски беа најзадоволни во времето на неговото директорување: воведе систем (тогаш единствен) на варијабилен додаток од продадените билети, па актерите беа среќни и се бореа да ги има на сцената ако е можно и катавечер. Со својот стил на размисла како да се дојде до суштината на ликот, а тоа да го препознае публиката, со непресушната потреба да ? се допадне на публиката заедно да му се радуваат на театарот, си создаде биографија на еден од најпочитуваните, најнаградувани и најприсутни актери на сцената. Сега игра во својот Драмски во Комшилак наопаку, во Брачна игра (со која со Катерина Коцевска, во режија на Љупчо Тозија, гостуваа на разни фестивали и сцени по светот, а добија и награди), игра во првата претстава на новиот Градски театар Р на Јордан Плевнеш во режија на Дејан Пројковски за што е особено среќен затоа што му се исполни сонот Скопје да има и градски театар.

Ги доби наградите “Војдан Чернодрински”, Стериина награда, награди на весници (најмногу за Андреа во Диво месо на Горан Стефановски во режија на Слободан Унковски, “11 Октомври”, “Св. Климент Охридски”, прогласуван е за Актер на годината. Играл во претстави по текстови на светската и на домашната драматургија. Секогаш го водела/води желбата да истражува. Тоа го сака најмногу. Дури и вели: “Не постои улога која не би сакал да ја играм, ама рационален сум и знам до каде можам”. Има своја и јасна цел: “Актерот мора да биде свесен за она што го прави, затоа што и секое мало претерување ќе ве занесе во лоши води. Ќе се повторувате. Тоа е како талентот да сте си го ставиле на расипана плоча која постојано заглавува на исто место...”. Иако е речиси четири децении на сцената, секогаш се однесува како да е на почеток: чека нов ангажман, нов лик во нова претстава. Тоа му е во крвта, од татко и мајка, до брат, и пренесено на внука... Да игра, да го има, како би рекол, и таму каде што го нема... До новиот лик и вечерашната изведба на некоја долговечна или нова продукција.

Извор: Лилјана Мазова

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »