речник контакт

Алачови - мајстори за јоргани

Со игла бунар копам, вака го дефинирал неговиот занает последниот велешки јорганџија Димко Алач. Тоа било семеен занает, стар два века

Петар Печков

Одамна  во Велес  ја нема занаетчиската улица а со неа и многу веќе изумрени занаети, самарџија,  калајџија, сарач, јораганџија. Токму за овој занает, за неговиот единствен  и последен мајстор  Димко  Станчеви Алачот,  раскажува неговата ќерка Марга   Узунова. 

Татко ми Димко  изработуваше јоргани, не  само за Велес, туку и во Прилеп, Битола, Штип,  дел од Скопје.   Тој беше единствен мајстор  во велешко и пошироко.  Освен јоргани, шиеше и душеци, перници.  Често занеше да каже дека со игла бунар копа, така го објаснуваше неговиот занает. Тој е фамилијарен го научил од татко му Стефан а тој од неговиот татко а мој прадедо  Димко.  Почнале со јорганство да се бават од некаде 1800-тата се до 1970-тата.  Наш фамилиајрен прекар беше Алачот, кој е турски збор и преведен е јорган - вели ќерката Марга.  

Таа дојде специјално во родниот Велес за да ра раскаже животната историја на едно од малкуте македонски семејства -  занаетчии јорганџии. Тие безмалку два века изготвувале јоргани, сошиле за цел Велес но и пошироко.  Татко и Димко започнал со овој занает на 14 години.   Љубопитно гледал како татко му Стефан ги шие јорганите и тој подбуцнувал скришум по некоја игла. Затоа  готовите мали јорганчиња за деца, ги  носел како порачка до домовите на велешани. Заработувал по некоја пара. Тука не  престанал, започнал и тој да ги шие малите јоргани и така влегол во семејниот занает, оставен од дедо.  

Дедо ми Стефан не сакал синот да се бави со јорганџиство, оти бил тежок занает.  Тој со игла одгледал две деца, мене и брат ми, не школувал, свадби направил, не одомил, не изнел на пат. Ама и дедо ми  и прадедо ми од јорганите изгледале семејства.  Полека, полека Стефан почнал да му ги открива тајните на занетот, оти татко ми се интересирал - додава Марга.

Изработката на еден јорган траела 4 до 5 часа, душек 2,5 до 3 часа а  за изработка на перница требало многу малку време.  Се изработувале дома кај тој што порачува, а ако немал место, тогаш во домот на  Станчеви. За изработка на јорган најчесто се користела свила,  помалку американ, богасија а во некои случаи по барање се шиел и со кадифе. Ќерката до детали го опишува процесот на изработка иако минале четири и пол децении отакако татко и последен пат изработил јорган.   

Прво се шие  платното, па се додава памукот. Тој  се чеша,  да се извадат семките оти тие   пуштаа мрсно а  ние помагавме како деца. Потоа доаѓа стивасување- тоа е процес кога од  памукот се прави пласти, пласти. Тоа е со помош на лак на  тетива, изработен од црева од животни. Доаѓа нешто како влачање.   Следи  метење  на просторијата, да се исчисти да нема ништо, посебно семе, па се полнеше астарот, со специјално стапче  се удираше по јорганот, да биде еднакво распореден памукот. Тога започнуваше со шиење. Почнуваше со  страничко шиење на краевите - дикиши имаше два или три.  Па се шиеаја шари, имавме мустри, како да изгледаат, баклава, ружи,  ѕвезди.  Татко ми ги  црташе со темишар вид креда,   почнуваше од средина да работи. Како гоблен  кога  се везе така и овде иглата минеше преку цел јораган горе доле - објасни Узунова, родена Станчева.

Некои барале да има што повеќе памук а тоа не било  добро и грешеле, оти  со помлаку  памук полесно може човек да се завитка  со јорганот, ако има повеќе тогаш е крут и  паѓа од  кревет. Повеќето  мислеле дека ако е со повеќе памук, полесно ќе го стопли во ладните зимски ноќи.   

Дуќанот на Димко Алачот, бил  на пазариштето, карши горниот  дел од пазарот. Комшии му биле  тенекиџии, самраџии,   шнајдери, имало  и еден златар Мечето.  Во работата му помагала и сопругата   Трајанка. Мајсторот со овој занает научил да    зборува турски,  српски, бугарски, цигански, влашки, за да може  да комуницира со сите муштерии а ги имало многу.  Големо семејно богатство се двете машини кои ги набавил од Германија, една рачна, другата ножна.

 Тие љубоморно се чуваат, како спомен на едно минато време.   Најмногу  работа имало во есен од октомври,  откако ќе се соберел родот и завршеле  полските работи,  тогаш започнувале  свадбите и славите, и тоа било  до Нова година. Нешто помалку работа имало  и во пролет. Во ударниот период, станувал в зори, доаѓал со мракот. Децата  се случувало со денови да не го видат татко им. Имал т.н. ,,торбарско право,, за работа од општината со потпис и печат.  Работел и сабота и недела, но никако за Прочка, Велгиден и Божик.  А од работата и се разболел.

Доцна разбра  стари татко  дека е опасна изработката на јоргани, фати задув (астма)  потоа почна маска да носи на лцието, да не вдишува од памукот. И нас ни ставеше на устата, на носот марами, кога  помагавме. Работеше се до 1972-тат година, тогаш престана, остаре, започнаа готови јорганчиња да се носат по продавниците. На времето  бебињата задолжително од Болница се земаа завиткани  со мали јорганчиња, сини за машко, црвени или розеви за девојче. Па  чеизот кога се носеше од кај  невестата до момчето, на запрежна кола  качен со јорган, перници по улица сите да видат. Комшиите гледаа што снаата ќе донесе, па коментираа. Стари татко од    парчињата од јоргани  нас на внуците ни правеше подлошки за бокали и чаши . Ми остана во сеќавање неговиот совет: Деца правете добро, за добро да се врати. Отворете порти на секој што ќе почука, дали е арабаџија или чорбаџија, секој е човек -   додаде Весе  Тодорова, внука од брат на Димко.

Тој за сите внуци бил ,,стари  татко,, оти бил најстар од браќата, а повеќето внуци  знаеле да помагаат во подготвката на изработката.  Интересна е една епизода, како јорганчињата завршиле  во Далмација-Хрватска. На семејни пријатели од Станчеви, ќерката се омажила во Цриквеница и  мајка и како што е редот, порачала од Велес  јорганчиња за внучињата, да сепрекриваат во зиме. Толку им се бендисале на тамошните роднини Хрвати, што Димко добил повеќе порачки и некое време работел занеколку  хрватски семејства од Далмација, кои изразиле желба да се прекриваат во велешки јоргани од Алачови.

Тоа било во 60-тите години на минатиот век. Димко Алач бил другар од детството со Кочо Рацин. Учеле заедно а во младоста взаемно и си помагале. Коста  доаѓал  и тој  помагал во изработка на јоргани, чепкал  во бубаќот   а  Димко   одел кај Солеви да ја мешаат глината. Учеле во турското школо, кое  денес би дошло  зад ОУ  Св.  Кирил  и Методиј.  Сведок за нивната блискост, Станчеви имаат во фотографија каде се заедно во 2-ро или 3-то одделение.  

Марга за прв пат откри една тајна, како татко и Димко им помогал на Турците, кога на почетокот од 50-тите години на минатиот век си заминувале од Велес. Тој ги научил каде да ги скријат лирите, кои не смееле да ги изнесуваат. 

Кога  Турците заминуваа од Македонија им дозволуваа да си носат јоргани и перници, но никако  пари,  злато,  тоа  мораа да го остават тука.   Не знаеја како да си го однесат со нив, татко ми, им  предложи да  ги  шие  лирите   во  јорганот или душекот.    Идеа нарачуваа по пет  шест  јоргани  и прашуваа мајсторе како да ги пренесам лирите, татко ми  ќе им каже и така  многу семјества  ги однесоа.  Тој дури го одбележуваше местото да не го отпаруваат цел јорган, некој пат и различно парче шиеше. Одлично го маскираше. Долги години потоа, отакко отидоа во Истанбул, Измир, мајка ми    со жените одат за Турција, во Измир.  Нашите Турци кои живеат таму, кога разбрале дека идат гости  од Велес  се заинтересирале дали има некој од Алачови. Кога ја виделе мајка ми, бидејќи  се знаеле, не ја оставиле да спие  во  Хотел, три дена  била  по гости. Толку биле благодарни - заврши Узунова.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »