речник контакт

Алхемичарот од Велес

Шеснаесет годишниот велешанец Александар Солев подолго време работи на два проекти од областа на заштита на животната средина. Истите се без малку револуционерни и ќе значат многу за загадениот Велес

Петар Печков

      Шеснаесет годишниот велешанец  Александар Солев подолго време работи на  два проекти од областа на заштита на животната средина. Истите се без малку револуционерни и ќе значат многу за загадениот Велес,  родниот град на младиот Солев. Неговите проекти се прифатени од  сериозни американски научни  здруженија, а за едниот доби и награда, бронзен  медал во конкуренција со бројни млади научници од цел свет.

Депонијата со згура тешка 1,7 милион тони  според истражувањето на Солев е употреблива и корисна за две работи, за пречистување на водата и за одгледување на одредени култури. Со првиот проект ја искористил згурата како замена за хумус. Плодовите кои биле добиени ги задоволувале стандардите за здраво растение, кое може да се користи во исхраната.  За ова негово истражување добива бронзен медал во Хјустон САД, каде го презентира пред голем број научници.

Насадив повеќе саксии со грав. Едната беше сто процентно хумусна, додека другите  со различни проценти на хумус комбинирани  со „велешката“ згура и со онаа од железарата во Скопје. Дојдов до заклучок дека помешана со одреден процент хумус, згурата од Топилницата не му штети на растението, туку напротив му помага при неговиот како физички така и хемиски развој. Во пракса се покажа дека се добива поквалитетно растение од она кое се наоѓа во 100% хумусна средина. Затоа името на мојот проект е „Алхемијата е оживеана“ бидејќи нешто од кое сите бегаат,  преку ноќ станува злато и  прочистувач на загадените води, како и замена на хумус и забрзувач на растот на растението – објаснува младиот велешки научник Солев.

Ова негово достигнување го препознаваат  американците поради што присуствува  на меѓународниот научен саем ,,I-SWEEEP,, кој се одржува  петта година по ред во Хјустон. Оваа година,  во голема конкуренцијата  биле презентирани над 460 проекти кои биле поделени во три категории: животна средина, инженерство и енергија.

Проектот на Александар бил во категоријата животна средина. Судии од различни земји, сите научници, ги проследиле неговите презентации, за што на крајот бил награден со бронзен медал. На саемот GENIUS кој ќе се одржи  за еден месец од 24 до 29 Јуни,  Солев ќе се претстави  со истиот проект, но овој пат унапреден. Младиот Александар  работел и на друг проект, да најде начин за прочистување на водите загадени од тешки метали.

За овој проект  ја користев згурата од топилницата во Велес, како и онаа од скопската железара. Целта на прочистување беше отстранување на  тешките метали олово, цинк и бакар. Со  користење на згурата од топилницата, количеството на тешките метали во загадената вода се намали за најмалку 99%. Направив и некои нацрти за примена на оваа техника  за прочистување на нашите загадени  реки – вели Александар. 

Тој се подготвува за пат за Њујорк, за презентација на неговиот прв проект. Но наидува на голема пречка, обезбедување на средства за авионски билет, од илјада евра. Ако ги обезбеди, ќе може да замине за САД  да го брани неговиот проект со уште 240 други од цел свет.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »