речник контакт

Американците се враќаат во Стоби

Со грант од 72.600 долари на Амбасадата на САД во Скопје, ќе почне реставрација и конзервација на фреските од базиликата во Стоби, кои датираат од четвртиот век и се најстари во Македонија, која тие ја открија пред 40 години.

Петар Печков



Договорот  во Стоби го потпишаа американскиот амбасадор Филип Рикер и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, во присуство на стручни лица и археолози, меѓу кои беа и Американците Џим Вајсмен и Елизабет Гебхард, кои во 1970-тите години го истражувале локалитетот.

Зачувувањето на фреските во базиликата ќе ја спаси кревката убавина на овие стари христијански фрески. Овој проект е само најновиот во низата од Фондот на амбасадорот за поддршка на проекти кои го рефлектираат богатиот културен и историски диверзитет  на луѓето во Македонија. Преку одличната соработка со Министерството и со луѓето во Македонија, Амбасадата на САД во Скопје има дадено повеќе вакви грантови од која било друга мисија на САД во Европа- рече амбасадорот Рикер. Со средства од тој фонд се заштитуваат уште три важни споменици на македонската култура - црквата Св. Богородица Перивлепта во Охрид, Турската бања во Тетово и Даут-пашиниот амам во Скопје.

Министерката Канческа-Милевска истакна дека со систематските археолошки истражувања во изминатите две години во Стоби на  нови  објекти и илјадници наоди движно културно наследство со што му се враќа сјајот на овој антички и ранохристијански град.

 Заштитата и вреднувањето на културно-историското наследство е наша постојана грижа, токму поради фактот што низ него го потврдуваме постоењето на македонскиот идентитет. Презедовме серија систематски акции поврзани со истражувањето и конзервацијата на археолошкото богатство на Македонија на над 20 локалитети, на кои пронајдовме преку 100.000 вредни артефакти - рече Канческа-Милевска.

Конзервацијата на фреските веднаш ќе ја почне тим од Националниот конзерваторски центар и се очекува таа да заврши напролет. Тоа е прва фаза од проектот кој предвидува реставрација на целата базилика.

Директорката на НУ Стоби Силвана Блажевска посочи дека за две години се истражени 10.000 метри квадратни простор на локалитетот во кој биле откриени нови градби. За фрескоживописот на кој ќе се работи, таа рече дека е најзначајниот споменик што го има Стоби и Македонија.

Базиликата е  најстарата ранохристијанска црква во Македонија и се работи за најстариот сочуван фрескоживопис. Фреските се најоштетени и најприоритетни за заштита. Потоа ќе преминеме на мозаичните подови, на архитектурата. Верувам дека за неколку години сето тоа ќе се врати назад. Нашиот план е да ги вратиме и фреските на ѕидовите и мозаиците на подовите и да направиме нова покривна конструкција и базиликата да е спремна за презентација - рече Блажевска.

Фреските на базиликата во Стоби се откриени пред триесетина години и оттогаш се без заштита и изложени на сонце, ветер и атмосферски влијанија. Фреските на јужниот ѕид од базиликата ги открил археологот Џим Вајсмен во 1973 година, кој работел со домашни археолози.

Фрескоживописот на северниот ѕид е откриен од академик Блага Алексова. Тие биле извадени во 2004 година со цел да се конзервираат, но тоа досега не е направено.

Стоби бил најголем урбан центар во северниот дел на римската провинција Македонија во кој се слевале културните придобивки на античкиот свет. Градот, кој бил и значајно епископско седиште, бил граден, разурнуван од земјотреси и обновуван се до 6 век кога завршила неговата речиси илјадагодишна историја. Стоби потонал во заборав се до 1861 година кога францускиот историчар и патописец Леон Езеј ги лоцирал остатоците на некогашниот моќен град.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »