речник контакт

Ангел Кирков има 1.000 „внучиња“

Познатиот ракометен тренер и стручњак Ангел Кирков собира шишенца со алкохол од 0,5 децилитри, наречени „внучиња“.

Петар Печков

Познатиот ракометен тренер и стручњак Ангел Кирков собира шишенца со алкохол од 0,5 децилитри, наречени „внучиња“. Тој нагласува дека не пие алкохол, но ги собира шишенцата бидејќи му се допаѓаат нивниот изглед и необичните фигури. Ова хоби за него е голема обврска, бидејќи трипати неделно го отстранува правот наталожен на шишенцата, а тоа трае повеќе од три часа.

\"\"

- Тоа ми е најтешко бидејќи морам многу да внимавам за да не се скрши некое шишенце - вели тој. Во неговата колекција има повеќе од 1.000 шишенца со разни пијалаци. Сите се оригинални и неотпакувани. Располага со вкупно 40 литри алкохол и на шега вели дека ако некој сака да ги испразни, нема да му биде лесно, ќе му требаат многу време и нерви. Но, ако се случи некое да се отвори, треба да се испие веднаш.

\"\"

- Сите примероци ги чувам внимателно, но седумгодишниот внук Ангел е единствената „опасност“ за колекцијата - додава тој. Со ова хоби почнал да се занимава пред триесетина години. Се „заразил“ од еден свој другар, кој сега живее во Кула, Војводина. Пред неколку години на другар од војска му подарил околу 350 шишенца.

- Сите тие беа од југословенско производство и решив да ги дадам на друг. Собирам шишенца со италијански, шпански, француски, грчки, руски, германски и англиски пијалаци. Имам ликери, рум, коњаци, вотка, вињаци - вели тренерот. Посочува дека вотката најбрзо ветрее, бидејќи шишенцата со неа се полупразни иако не се отворени. Тие се вистински излог - со форми на светилки, шрафови, свеќички за автомобили, гудачки оркестар, карти за покер, Биг-бен, Ајфеловата кула, шаховски фигури, топче за голф, моцарт-кугли, тореадори...

\"\"

Тренерот е особено горд на шишенцето со грбот на кралскиот клуб Реал. Ангел има шишенце со рум со 80 отсто алкохол, кое му го подарил чичко му, писателот Никола Кирков, кое претставува вистинска реткост. Поседува и комплетна колекција од 18 вкуса на Ундерберг, а љубоморно ги чува и уникатните примероци од Перу и од Мексико.

- Знам кое шише од кого ми е подарено. Пријателите што знаат за оваа моја страст при секое враќање од странство ми носат по некој нов примерок. Ако имам дупликат се менувам со другар ми Коки, кој има помалку шишенца од мене, но се обидува да ме стаса - вели Кирков и додава дека ова хоби е скапо бидејќи едно „внуче“ чини пет-шест евра.

\"\"

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »