речник контакт

Ансамблот „Распеани Велешани“ пет децении ја чува староградската велешка песна (видео)

Наследството што им го оставил прочуениот Ало Тончов и аманетот „велешката песна не смее да умре“, тие љубоморно го чуваат

Петар Печков

Ансамблот „Распеани Велешани “ годинава одбележува јубилеј, 50 години постоење. Членовите на составот со нивната работа, оставија силен траг во живеењето во градот, обнародувајќи многу заборавени велешки песни или други кои ги  сочуваа од заборавот.

„Ансамблот е еден од ретките во земјава кој се уште постои и работи. Основна цел е зачувување на староградската песна и мелос. Од основањето 1972 до денес континуирано работи и дава голем придонес за популаризација на велешката песна“ - вели Радица Абрашева секретар на ансамблот која ова работа ја извршува околу 30 години и заедно со претседателот Илија Смилев, успеваат ја  сочуваат полувековната традиција.

Таа се заблагодарува на поддршката на сите досегашни градоначалници, без чија поддршка составот не би можел да опстане.

„Распеани Велешани беа   формирани за потребите на музичката емисија на Радио Телевизија Скопје, Распеани градови. Тогаш се формираа состави низ повеќе градови во земјава, Охрид, Струга, Тетово, Ресен и драго ми е што во мојот Велес уште постои составот. Целта беше зачувување на староградската песна“- вели Кирил Вангелов музички уредник во РТС а подоцна и МРТВ.   

Дел oд составот биле Ало Тончов, Киро Анѓуш, Орце Ѓакот или Пала Дрнковица, Васа Пласкица, Веса Маџарица, чии гласови  останаа запомнати. Тие заедно пееле во мешан женско -машки хо, по што за потребите на тв емисијата е формиран „Распеани Велешани“.  Така и дошле на идеја дека на Велес му треба и состав што ќе ја негува старата велешка песна.

Ансамблот се состои од пеачка група и чалгија во чиј состав се музичките инструменти кларинет, дајре, виолина и џумбуш. Бројат околу 30 членови. Заедно ја претставуваат автентичната слика која не враќа во минатото кога не можело да  се замисли било каква веселба или радост во  Велес, без звуците на песната, музиката. Маре Димова е член на составот 22 години.

„Сите членови на поврзува љубовта кон песната, конкретно кон староградската велешка. Уживам во песната, серенади, тие ми лежат на срце на душа. Се дружиме со останати членови, пееме, настапуваме во други градови.  Имаме наш настан, тој е секогаш вечер спроти 8 септември Денот на независноста, кога ни доаѓаат гости од цела земја и учествувавме на Фолклорниот фестивал  кој се одржува во Велес. Имам тетратка со стотина песни од кои 80 се велешки. Каква и мака да имаш, песната чисти се“ - вели Димова. 

Наследството што им го оставил прочуениот  Ало Тончов и аманетот „велешката песна не смее да умре“, тие љубоморно го чуваат.

По реакциите на публиката таа најмногу ги сака „Елено ќерко“, „Се посврши сербез Донка“ „Во Влашкото маало“ , секако „На Којник дуќан да имам“ „Сејмен да шетам по Бузаана“, песни кои се поврзани со локални маала, лица и настани. Пеат и некој други, подзаборавени песни за Мара Акчиова, за Ленчето ‘Ржарово или „На сред Којник дрво јаворово“. На составот  му треба подмладување и освежување како со луѓе така и со нови костими.

Облеката што ја носат жените е во стилот на раните 30-ти години од минатиот век, кога започнала и традицијата на старата велешка песна. Тогаш велешани под многубројните јавори, во вечерните часови, седеле, муабетеле и пееле. Еснафот во градот, занаетчиството и врските со светот оставиле трага во музиката, по  која се надалеку познати. За неа слушнал и турскиот султан, пред кого свирела велешката чалгија.

Ансамблот за полувековното постоење  има настапувано на повеќе манифестации како во Велес, така и во Македонија, а пееле и во сите поранешни Титови градови на Југославија. Секаде оставале одличен впечаток и добивале признанија.  „Распеани Велешани“ имаат издадено две лонг плеј плочи со 24 изворни староградски песни и ЦД со староградски песни и ора.

АНКЕТА »

Каде го минавте летниот одмор?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »