речник контакт

Апелација потврди ослободителни одлуки за Илија Танев и Сабедин Џини Хофман

Нив им се судеше за примање поткуп. Сведокот пред судот негирал дека обвинетите од него побарале пари и дека тој им дал 90 илјади денари

Петар Печков

Апелациониот суд од Скопје ги отфрли жалбите на Јавното обвинителство, по ослободителна пресуда на Основен суд Скопје еден, за  Иле Танев  и Сабедин  Џини Хофман. Тие се  ослободени  од обвинението  за кривично дело Примање поткуп, бидејќи не се докажало дека обвинетите го сториле кривичното дело за кое се товарат. Во пресудата пишува дека  сведокот Сашко Арсовски  дал свој исказ пред Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а во врска со поднесената кривична пријава против обвинетиот Иле Танев, и на записник пред истражен судија, како и на записник вон главен претрес, но со  сосема поинаков опис на настаните и во целост го негира исказот даден во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Првостепениот  Основен суд Скопје еден,  правилно постапил кога одлучил доказите, прибавени со посебните истражни мерки да не бидат изведени во текот на доказната постапка, бидејќи  истите биле прибавени за кривично дело сторено пред донесување и стапување во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка, за кое во време на сторувањето не била предвидена законска можност за примена на посебни истражни мерки. 

 

На обвинетите со поднесениот обвинителен акт им се става на товар дека во текот на месец мај 2008 година, обвинетиот Иле Танев, како службено лице - судија во Основен суд  Велес и претседател на кривичниот совет на тој суд, од лицето Сашко Арсовски  преку обвинетиот Сабедин Џини-Хофман побарал подарок - паричен износ од 2.000 евра за да во рамките на своето службено овластување, претседател на кривичниот совет при одлучувањето во предмет изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши - да гласа за укинување на мерката притвор против двајца обвинетите Златко Арсовски и Борче Николовски за кривично дело - Разбојништво.  

Обвинетиот Сабедин Џини - Хофман со умисла му помогнал во извршувањето на кривичното дело, на начин што најпрво лично му објаснил на Сашко дека обвинетиот - Иле Танев е негов  близок пријател и дека како судијата и претседател на Кривичниот совет може да гласа за укинување на мерката притвор определена против неговиот брат Златко Арсовски и лицето Борче Николовски и замена на мерката притвор со полагање на гаранција, но дека за да ги превеземе овие дејствија обвинетиот Иле Танев барал подарок - паричен износ од 2.000 евра. Подоцна во име на обвинетиот Иле Танев од Арсовски, обвинетиот Сабедин Џини - Хофман во два наврати примил дел од побараниот подарок и тоа паричен износ од 90.000 денари.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »