речник контакт

Афористичарот Крлевски, со прва награда на фестивалот во Куманово

За посетителти на „ТрМр“ авторот Крлевски ги отстапи наградените афоризми. Меѓународен Фестивалот поезија, проза, афоризми и хаику поезија, „Фестивал на симбиоза 2022“ се одржа по втор пат

Петар Печков

Велешкиот афористичар Атанас Крлевски ја освои првата награда за афоризми  на  вториот Меѓународен Фестивалот поезија, проза, афоризми и хаику поезија, „Фестивал на симбиоза 2022“, кој се одржа во Куманово.

На манифестацијата учествувале    96 автори од 9 земји од кои 23 од странство. Втората награда кај афоризмите  и припадна на Елеонора Николовска од Скопје а третата на Јане Атанасов од Кочани,Со оваа награда Крлевски  потврди дека е на самиот врв на македонската сатира и афористика.

Фестивалот се одржа во Занатски дом во Куманово,  каде авторите  понудија едно ново книжевно виножито со прекрасни бои сместено меѓу кориците со многу испишани песни, раскази, есеи и афоризми.

Наградените дела  се објавени во  зборникот под наслов "Кумановска симбиоза-22“. Проектот е организиран од „Клубот на книжевни творци -Симбиоза".

За „Ти реков, ми рече“ авторот  Крлевски ги отстапи наградените афоризми за кои жирито се изјасни како афоризми на зрел автор и дека имале лесна задача да го одредат победникот.

1.    Во секој случај, јас сум изгубен случај!
2.    Не полемизирам со високи интелектуалци. Не паѓам толку ниско.
3.    Жена ми е како баба Марта – со триста умишта, ама цела година.
4.    Имам дебели нерви. Ништо не работат.
5.    Се пронајдов себеси. Изгубено, па најдено!
6.    Традицијата е богаство кое се чува во отклучен сеф.
7.    Зборот е сила, а со силата треба внимателно!
8.    Кога ќе се измешаат лончињата, сите се жедни.
9.    Ме препознаваат по карактерот. Јас сум бескарактерен!
10.    Најдоброто време да заврши секоја војна е пред да почне!
11.    Ако не кажеше што мисли, ќе мислевме дека мисли.
12.    На колешката ѝ реков дека има докторски ракопис. Сега мисли дека е докторка.
13.    Умна глава, секому не симнува капа!
14.    За песимистот вратата на иднината е заклучена со  ’рѓосан катанец.
15.    Со промашени политичари немаме шанси.
16.    Иселениците многу ја сакаат Македонија. Платонски!
17.    Денес не се исплаќа да бидеш крадец. Не остана ништо за крадење.
18.    Демократските процеси мора да продолжат. Милум или силум!
19.    За ведри мисли нема облачно време.
20.    Животот пишува романи, а јас остарев со чкртки – мртки.

АНКЕТА »

Дали се потребни забрани за учениците на училиште да носат мини здолништа, долги нокти, маици на прерамки, бермуди, бради и присеви?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »