речник контакт

Бабите по 19-ти пат ги подготвија нивните заборавени блага

Пензионерките од Македонија ги подготвија ,,Блакцата на баба,,

Петар Печков

По 19-ти пат  во Велес се одржа хуманитарно забавната манифестација Блакцата на баба. На неа се дружеа, пееја и играа повеќе од 400 жени пензионерки од 20 градови од земјава. Ова е единствена ваква манифестација во земјава и препознатлив бренд за кој има голем интерес. Освен што  се забавуваа  жените ги покажаа нивните кулинарски способности во подготвување на стари, помалку подзаборавени блакца кои ги научиле од нивните баби. 

Секоја од гостинките дојде од дома  со благо, карактеристично за градот, регионот каде живее.  Секое благо има своја прикаска, оригинална, интересна, белег за крајот од каде доаѓа. Охриѓанки донесоа старинска баклава, ама  подготвена во форма на гнездо .

Ова благо е старо, класична баклава само што јас ја сменив формата. Таа е во вид на гнездо, корите се свиени и во средина наместо ореви ставив ф`стаци.  Така тоа изгледа како да во гнездото има јајценца. Не е многу скапо, се подготвува брзо и лесно. Се прави на мало сукало, како  ѓеврек кога се врти . Правам и баклава во форма на цвет и она класичното како ролат -  вели Љубица Доковска од Охрид, која доаѓа по втор на манифестацијата.

Претходно била пред две години и сега повторно. Не ја  пропушти  можноста да се види  со колешки  со кој се запознала првиот пат.

Нема подобро од дружењето, поготово на нас пензионерките. Не ни останува многу пред нас затоа е добро што вака се гледаме. Се потсетуваме на младост, на убавите работи. Се имаме запознаено со други жени пензионерки од други градови и ете тука во Велес е гледаме еднаш годишно – рече гостинка од Кичево.

На манифестацијата учествуваат и жени Албанки од Тетово, Гостивар, Дебар со што таа е и мултиетничка.  Вредните дебарчанки подготвија шеќерпаре.

Ова благо се подготвува со  пола кг овчја маст,  10 јајца и  еден кг брашно. Ова се замесува заедно, се прават мали парчиња од тестото, се пече и потоа се потопува со шербет. Многу е едноставно и бргу се изработува. Ова е стар рецепт повеќе од еден век. Шеќер паре се подготвува за албанската свадба и   за првиче. Тоа е кога невестата прв пат оди кај мајка и дома по свадбата, ја  пречекуваат со ова благо -   објаснија Марионка Уселенца  и Арфие Јонузи од Дебар.

И тие доаѓаат по втор пат на манифестацијата. Освен евоцирањето на спомените, гостинките си разменија по некој старински рецепт но и совети за добро здравје за да се видат и до година.  Дел од средствата кои се собираат од билетите,  се донираат за лица на кои им се потребни а годинава ќе му се доделат на  6,5 годишно девојче од Велес, на кои и требаат за лекување.

За доброто расположение  во салата, меѓу присутните некои од учесничките не ја пропуштија можноста да го земат микрофонот, да запеат и се вратат за момент во младоста. Ако изминатите години,  подготвените блага ги имаше на десетина метри поставени маси, годинава тоа не беше случај. Истенчениот пензионерски џеб, се одрази на понудата и таа годинава беше поскромна. Домаќинките велешанки пак со само две подготвени блага.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »