речник контакт

Бадникова вечер кај најхуманото велешко семејство Цветкови со 220 дарувања крв

Снежана, Кире,Орце и Васко заедно дарувале повеќе од 220 пати ркв и спасиле многу човечки животи. Најхуманото велешко семејство, знаат да подадат рака кога најмногу треба

Петар Печков

Бадник беше можност семејството Цветкови да се собере и заедно да го минат овој голем христијански празник. Секој со своите обврски, тешко се наоѓаат заедно, во исто време Кире, Снежана, Орце и Васко. Тие се едно од 12-те илјади семејства во градот, но единствено по нивната хуманост.

Сите се крводарители и имаат дадено повеќе од 220 пати драгоцена течност. Сите со иста крвна група А позитив. Затоа неодамна Кире го доби и општинското признание за најхуман велешанец.  Тој започнал на 25 годишна возраст и до сега на 57  години, 111 пати дарувал крв.

Започнав откако сопругата ме убеди. Таа веќе беше крводарител и започнав и јас. Откако станав крводарител, главоболките кои ги имав претходно,  по петитот исчезнаа.  Оттогаш станев редовен крводарител. Не знам што се случи, но знам дека повеќе ги немам.  Од толкуте пати подадена рака, ми остана во сеќавање настанот од пред некоја година, кога случајно отидов во велешката болница да дадам крв, имаше потреба итно од мојата крвна група поголемо количество. Ги повикав и синовите кои имаат иста крвна група, и така тројцата лежевме истовремено, што ни се случи за прв пат во нашиот живот,  да даруваме крв.  Крводарувањето за мене е хуманост, живот, добрина  - вели  Кире Цветков кој е невработен и затоа вели дека државата мора нешто да стори за оваа голема армија на луѓе, да ги заштити крводарителите.

Тој беше голман во ФК Борец а потоа и во помладиот лигаш ФК Металург. Беше и тренер во екипата а со генерацијата 1984/5 беа прваци на Македонија. Меѓу нив се Жарко Климкаров, Димче Андов, Дарко Ранготов, Сашко Паунов и многу други кои  сега се добри фудбалери.  Кире  и сопругата Снежана се  тие што влијаеле на двата сина, да ја продолжат семејната традиција на крводарување.

Сакавме на синовите  да им покажеме еден пат на човечност, добрина, да придонесат за ова општество.  Јас искрено прв пат  дарував крв поради двата дена слободно од училиште, но и од радозналост. Потоа и самата професија, како лаборант,  ме упатија по овој пат. Често од дома  сопругот велеше каде ќе одиш со твоите 50 кг.  Но желбата повеќе не беше тие два дена, туку чиста хумана, тоа беше силен мотив – вели Снежана  Цветкова, која работи во болницата Јасеново.

Таа има дарувано 68 пати и голема желба и е да дојде до 100-то дарување. За прв пат дарувала крв на 17 годишна возраст како ученичка во Средното Медицинско училиште ,,Д-р Панче Караѓозов,, во Скопје. Интересно е што и двете нејзини сестри се крводарителки со традиција. Вера Павлова има 50-тина дарувања   и Нада Сарагинова  48 пати.  Постариот син, како и мајката започнал да дарува во трета година средно. 

Имаше крводарителска акција во трета година средна, од радозналост се пријавив и не зажалив. Ниту ги искористив двата слободни дена.  Сакам да спасам нечиј живот иако не  знам кому ќе помогнам. Сакам да одам по стапките на моите родители, со што се гордеам  -  вели Орце Цветков кој има 30 години и  досега 30 пати дарувано крв.

Неговиот помлад брат исто така е крводарител. Васко Цветков ( 25 год)  досега има 12 пати дарувано крв. Тој самоиницијативно оди во велешката Болница каде дарува крв или ако има  некоја акција. Знае дека нема да ја прекине оваа голема човечка димензија на семејството Цветкови, да  ја даруваат крв, наскапоцената течност.

 

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »