речник контакт

Баење од секаква болест

Рецепт за лекување ама од пред еден век и повеќе..

Петар Печков

Бев чул за баба Мара од свет оти била мошне мариветлија и неколку пати ја молев да ми кажи за да го пишам, арно ама неќеше да ми кажи, да не је се расипит баењето, чунки жената што и кажала со клетва ја заколнала за на смртнио час да кажи. До пет лева и таксав да ми кажи и пак не ми кажа. Пред некој ден се погоди во една куќа, син ми Коста, кај што му баела баба Мара на Велјана и ја описа бајачката од прочуената баба Мара. Баба Мара била асли од Велес, сега брго дојдена во Софија. - Марко Цепенков

 

Сопрво беше ја угорила кацијата на огнот и му ја навртела на глаата од Велјана и рекла овие зборои што сет пишани овде.

 

Си анѓели и анѓели на небеси,

и си светци, Пресветаја Богородица,

и Света Петка – прва слуга,

и Света Неделица – на Велјана здравје.

Што си, црвеница ли си?

Али жолтица ли си?

Али белица ли си?

Али црница ли си?

Али црвена ли си?

Али жолта ли си?

Али бела ли си?

Али румена ли си?

Али зелена ли си?

Да избегаш од Велјана!

Немат у него ни јадење, ни пиење,

ни лежење, ни спиење.

Да се исчистиш од Велјана,

да се сториш високи праои,

да прошеташ рамни друмои.

Да си одиш во поле широко,

од поле во високи планиње.

Да се исчистиш од Велјана

како бистро сонце,

како бистра солза

како Богоројчин кладенец,

и да си појдиш високи планиње,

кај што деца не се крштаваат,

кај што се невести не венчаваат,

кај што се луѓе не миросуаат;

Тамо имат трева зелена,

тамо имат вода студена,

тамо имат мека постела;

да се исчистиш од Велјана,

како од кошута млеко,

како јасна месечина,

како бистра солза,

и како Богородичен кладенец.

Да избегаш од Велјана,

од раце, од нозе и прсти,

од глава, од очи и уши,

од снага и срце,

и од седумдесет и седум зглобои!

Дури ја редила таа молитва, баба Мара и кацијата ја држела жешко близу до глаата од Велјана, и за прв пат коа ја дорекла, му дувнала силно во глаата.

Втори пат ја рекла таа молитва и трети пат, коа ја дорекла пак силно дувнала во глаата од Велјана.

Со ова баење баба Мара лекуат турли-турли болести и со прв пат баење ако не му оздравит на чоека болеста, втори пат ќе му баит. Најпосле до три пати и коа со рака ќе му поминело.

Коа баела баба Мара, болеста на кацијата ќе ја изнајдела каква била, чунки сама је се јавуала на кацијата, чунки коа му бајала на Велјана, му се јавила негоата болес на кацијата.

Еве ’а синко Велјане, твојата болес – му рекла – ја на кацијава ми се јави.

Арно ти се јави, бабо, - је рекол Велјан – ами што болес ми је, мори бабо.

Црвеница ти је, синко – му рекла – ич не бери гајле, ќе ми ти оздрави веднаш, оти мене мошне ми је по рака.

Ами да не је греота, мори бабо, дека ми баиш? – је рекол Велјан.

 Уууу, синко, како је греота, коа моето баење и попоите го пеат – му рекла бабата.

Од записите на Марко Цепенков

 

(според нејзиното кажуање. (Забелешка на М. Цепенков.)

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »