Петар Печков
Објавено: среда, 05 ноември 2014
Железничката пруга Гевгелија – Куманово е патоказот за бројните бегалци од Блискиот исток, кон подобро утре, кон земјите од ЕУ. Но и смртна закана по животот, за што изминатиот викенд две лица загинаа по удар од воз. Железничката станица во Велес е најфреквентното место, каде секој ден има откриен по некој бегалец.
Секое утро или вечер има откриено бегалци во патничките возови кои доаѓаат од Гевгелија. Нема исклучок. Откако ќе ги откријат, потоа ги носат во прифатен центар. Некој ги има поодучено дека ова е правецот кон Србија, од каде потоа можат да стигнат до Унгарија и во земјите на ЕУ и тие се држат до железницата.Затоа одат по пругите – велат вработените на железничка станица во Велес.
И додека тие објаснуваа дека за овие два месеци низ железничката станица во градот има минато повеќе од петстотини бегалци, кои се откриени, и уште многу повеќе кои не се а биле на минување, од зад старите вагони се појавија три лица. Бегалци, од Дамаск, Сирија. Се претставија дека се мајка, брат и сестра. Бараа да стигнат до Куманово.
Во Дамаск се води војна, се пука. Јас сум дипломиран архитект, имам 26 години и сакам да живеам а не да загинам. Сакам во земјите на ЕУ – рече младата Сирјика.
Објасни дека од Дамаск легално влегле во Турција, од каде илегално со брод стигнале до Грција. Од таму, од близината на Солун шест дена патувале пеш да стигнат до Велес. Спијат каде ќе стигнат. Беа топло облечени, со мали ранци во кои земале тоа што им е неопходно за нов живот. Не бараа храна, оти веќе ја купиле Не беа проблем и парите. Ги прашаа присутните железничари за колку ќе ги однесат до Куманово. Добија негативен одговор, со образложение дека се судруваат со затвор до пет години ако бидат фатени како превезуваат илегалци.
Кога работиме на делницата од Демир Капија до Дуброво, тоа е како на корзо, толку многу илегалци има. Се движат сите 24 часа. Со себе носат квалитетни ранци, шатори, вреќи за спиење. Знаат да ги фрлат по пат, ако им пречат. Во последно време има многу деца, мали до 10 години има, и бебиња носат. Со родителите патуваат. Жално е, голема мака ги натерала штом ова се случува – вели железничар.
Вработени сведочат дека последните денови видели големи групи илегалци како минуваат околу Велес. Некои по пругата, Градско – Велес во група по 30-тина, кај мотелот Македонија, кај кланицата на Агрија. Други ги виделе во населба Отовица, крај езерото Младост, но тие се движеле покрај автопатот Велес – Скопје. Во месноста Шорка, сосед на железничката станица во Велес е врвулица од емигранти, објаснуваат мештаните.
Ги има приквечер и рано наутро. Мислам дека се бегалци, оти по бојата на лицето не се наши. Во групи од по 10-тина. Одат по патот и потоа се качуваат по пруга горе. Ќе влезат во продавницата, купуваат храна, леб по 20-30 парчиња, вода и друго и продолжуваат. Чудно е што секогаш со нив гледам исти 2-3 лица, тие се постојано со бегалците. И нив не им е лесно – вели постар жител на месноста Шорка
Преминот на илегалците низ Македонија стана профитен бизнис за одредена група луѓе. Досега има десетина случаи на уапсени превозници, кои за пари ги носеле емигрантите од Гевгелија кон Куманово. Други пак ги ограбуваат, измамуваат и им ги одземаат парите, кои тие ги печалеле цел живот, за да стигнат до подобро утре. До него не стигнаа две лица, еден Авганистанец и еден Сириец. Тие изминатиот викенд беа прегазени од воз кој сообраќал на релацијата Велес - Гевгелија. Авганистанецот, кој беше прегазен од воз во саботата ноќта, додека спиел на пругата, пред очите на татко си и четирите малолетни сестри.
Tweet |