речник контакт

Благцата на баба, по 16-ти пат

Жените пензионерки од Македонија се дружеа на хуманитарната манифестација Благцата на баба. Годинава кризата се одрази и кај подготвенити блага, кој за разлика од порано ги имаше помалку

Петар Печков

Преполна сала, многу гости, задоволни лица, старински блага и народни ора во долга редица беа присутни на 16-тата манифестација по ред ,,Благцата на баба,, која изминатиот викенд се одржа  на мотелот ,,На Велешко,, покрај езерото Младост. Пензионерки од цела Македонија, од 17 града, повторно се собраа, да се дружат, да се видат, забавуваат и разменат старински рецепт, сочуван во пожолтените домашни тефтери, сокриени во долапите.

Оваа традиција е од баба, прабаба. Ја одржуваме заедно со хуманиот дел. Секој град од каде доаѓаат гостинките носат, свое  старинско благо. Задоволни сме и среќни што оваа манифестација стана препознатлива во цела земја и за неа карти уште отсега се резервираат за до година. Имаме 600 гости а толку и одбивме, за жал, таков интерес има – вели  Неделка Ѓоргиева претседател на актив на жени пензионерки од Велес која  подготвила фурма, благо старо двестотини години. Како и сите години наназад, така и годинава, дел од  парите од влезниците беа наменети за хуманитарна цел, овој пат за четиригодишниот Кристијан Нешов, на кого му се потребни за операција.

На оваа собрана сума дополнителни 10 илјади денари даде и градоначалникот на Велес, Горан Петров, посакувајќи им уште многу дружење и видувања на присутните. Ако изминатите години,  подготвените благца ги имаше на десетина метри поставени маси, годинава тоа не беше случај. Истенчениот пензионерски џеб, се одрази на понудата, и таа годинава беше поскромна. Тоа и самите учеснички го констатираа, објаснувајќи дека економската криза влијаела помалку од нив да подготват некој старински рецепт. Затоа пак имаше неколку нови блага, сите топени и донесени од вредните домаќинки од, Гостивар, Тетово и Охрид.

За празниците  било кој Бајрам, слави, веселби, кога доаѓаат гости се подготвува конак. Го научив од баба ми и мајка ми. Многу ме интересираат овие старински благца, сакам да знам што повеќе, затоа прашувам, забележувам и ги подготвувам. Имам повеќе и до година кога ќе дојдам, ќе донесам нов - вели  Вадие Зендели, пензионерка од Гостивар која подготви  конак или шеќер паре.

Таа учествува неколку години наназад на манифестацијата и задоволна е од дружењето и затоа не ја пропушта можноста да дојде во Велес. А иако помала понуда имаше што да се вкуси, старински блага, што бабите ги правеле некогаш, аманет од минатото, равании, фурми, баклави, гурабии, талии, сукано со тиква.

Моето благце има источно потекло, од Арабија од некаде ми дојде на рака. Еден вид баклава, со бадеми, ф`стаци. Пријатно се изненадив од оваа манифестација на која сум прв пат. Убаво е се дружиме жените пензионерки од цела земја. Ќе го пренесам моето знаење на помладите, има интерес меѓу   младите невести  - рече Вера Димитриевска од Охрид, за благото декорирана во вид на кула.

Секое благце има своја прикаска, оригинална, интересна, белег за крајот од каде доаѓа.  За да опстане традицијата, оваа манифестација е потребна  и затоа  стана бренд во земјава. Многу интерес предизвика и ајлуџе  или  блага кора донесено од тетовско.

Го подготвувале баба ми и мајка ми, има мрсно и посно, за слава, за свадба, во понеделник кога се иде да се види невестата, на видение. Кога се зема невестата се прави вакво благо  по 12 тепсии за сите гости.  Младите сакаат да ги подготвуваат овие благца, ама повеќе сакаат да ги јадат - вели Митра Јовановска од село  Радиовце Тетовско.

Откако  гостинките  на манифестацијата се уморија од играње а понуденото благо го снема од трпезите, задоволството беше видливо на лицата од жените од Македонија. Тие веќе договараа што ќе донесат следната година и ги резервираа картите за 2012-та година, но и си посакаа  и добро здравје, освен рецепт за благо, разменија и по некој здравствен совет за да се видат повторно.
            

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »