речник контакт

Блаже Миневски со делото „Ако се родат некакви чувства“ е добитник на годинашново Рациново признание

Во конкуренција за наградата биле 14 дела. Наградата е парична во вредност од илјада евра

Петар Печков

Романот „Ако се родат некакви чувства“ на Блаже Миневски е добитник на наградата Рациново признание, која се доделува на Рациновите средби во Велес. Делото е условно речено историски роман,  за љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче,  авторско   видување  со интервенирање во историските факти.

„Со ова признание се чувствувам и возбуден и  почестен. Рацин беше секогаш присутен во сите мои книги и како инспирација и како лик.  Позната е мислата дека убавината ќе го спаси светот, јас тоа во овој награден роман го трансформирав во „чувствата ќе го спасат човештвото“. Без чувства нема среќа, без среќа нема иднина“ - кажа  авторот Миневски .  

Во конкуренција за наградата  биле 14 романи. За признанието  одлучуваше жирито во состав  Јасминка Делова- Силјанова претседател, Снежана Петрова -Џамбазова и Маја Апостолоска. За нив Миневски во „Ако се родат некакви чувства“  понудил интересна, несекојдневна и нестереотипна приказна и раскажувачка постапка.

„Историските факти во романот  се во функција на откривање на вистината на чувствата, а не во функција на докажување, дефинирање и канонизирање на вон книжевна, објективна вистина. Фељтонот се занимава со раѓањето на чувствата, а не со историјата“- рече Делова Силјанова образложувајќи ја наградата која е во висина од илјада евра.

Беседата за Рацин годинава емотивно ја донесе професор д-р Васил Тоциновски.

„Во животот случајности не постојат. Рацин има харизма, Божја дарба која е многу ретка. Таа се вградува во него од задојувањето со мајчиното македонско млеко, со првите зборови на мајчиниот македонски јазик. Рацин е интелигентен, борбен човек кој чекорел пред сопственото време“- рече меѓу останатото во беседата Тоциновски.

Рациновите средби година се одржуваат по 60 пат, продолжуваат наредните денови. Четврток е меѓународниот поетски митинг со автори од Грција, Турија, Бугарија, Србија. Тогаш ќе биде врачено

Почесното Рациново признание на бугарскиот преведувач и автор Пламен Тотев за ширење на македонската култура и јазик во Бугарија. Тој  досега  има преведено  55 книги од 34 автори, од македонски на бугарски јазик.  

Од понеделник до среда, секоја вечер во рамките на манифестација ќе бидат прикажани по неколку епизоди од тв серијата „Црвениот поет“ посветена на Рацин, снимена во 2016 година и досега не прикажана во јавноста.  Во понеделник на пладне  е научниот симпозиум „Рацин меѓу Мисирков и Шопов“ во организација на Институтот за македонски јазик.

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »