речник контакт

Божикна честитка од Владиката Агатангел

Би сакал, како ваш духовен пастир, да ви посакам во мир, љубов, радост и меѓусебно разбирање да ги прославите Божикните празници. Радувај се вселено, зашто Христос се роди!

Петар Печков

Возљубени наши духовни чеда!

Секоја година, на Божик, Православната Црква го прославува овој настан. На Божик, во времето на римскиот император Октавијан Август, во Витлеемската пештера, се роди Синот Божји, па оттогаш започна животот и историјата на Христијанската Црква. Ова јавување на Бог во тело, односно раѓањето на Бог како човек, е најголемиот настан во историјата на човештвото. Свети Јован Златоуст за Божик рекол дека е „метропола на сите празници“, зашто Божик е извор, источник и почеток на сите христијански случувања. Да не бил Божик, односно да не било раѓањето на Богочовекот Христос, немало да постои ниту Крштението, ниту Воскресението. Немало да постои ниту испраќањето на Светиот Дух во Црквата. Со еден збор, за човекот ќе немало можност за спасение и достигнување на небесните височини.

Драги браќа и сестри!

За нас луѓето Божик има посебно и исклучително значење, зашто со Рождеството на Месијата се исполнило долгоочекуваното ветување дадено на нашите Прародители, дека Бог ќе им испрати Спасител, Кој ќе им го врати загубеното достоинство и ќе им даде можност да допрат до Неговото Царство, каде ќе можат непосредно да ја созерцуваат сета Негова Добрина и Убавина. Човекот како образ и икона на семоќниот Бог, на Божик, со раѓањето на Богочовекот, добива можност да се уподоби на Бога во целото Негово совршенство. Човекот отсега ќе може да биде сличен на Бога, ќе може да стане подобен на Неговата Светост. По повод овој празник, свети Атанасиј Александриски, ќе рече: „Бог стана човек, за човекот да постане бог“.

Големата тајна на нашата побожност се состои во тоа што Вечниот, Беспочетниот, Недостижниот и Несфатливиот Бог, дошол во нашиот свет и станал човек со сите човечки својства. Според тоа, во Личноста Христова целосно се соединети, неразделно и неслиено, човечката и Божјата природа. Бог се спуштил до човекот, за човекот да може да се издигне до Бога. Бог станал причастен за нашата човечка природа, за човекот да се причести со Божјата. Бог стана Син човечки, за човекот да стане Син Божји. Бог се очовечи, за човекот да се обожи. За нас луѓето, ќе биде остварлива големата и спасоносна тајна на Воплотувањето Христово, доколку со целото свое битие поверуваме во Христа и доколку одлучиме активно да го живееме Христовиот живот во Телото Негово, кое е Светата Православна Црква.

Возљубени духовни чеда на Повардарската епархија!

Во годината што изминува ние, како Повардарска Епархија на МПЦ имавме повеќе причини за радост и благодарење кон Бога. Годинава, за првпат, светиот великомаченик Пантелејмон и официјално стана заштитник на градот Велес. Исто така, на повеќе места, во сите Архиерејски намесништва поставивме камен-темелници за почеток на градба на нови и осветивме повеќе цркви и помошни црковни простории. Исто така, продолживме со реновирање или градба на неколку манастирски комплекси, потоа ја интензивиравме изградбата на новата величествена црква во центарот на Велес, посветена на семакедонските учители и просветители Светите браќа Кирил и Методиј, и конечно, на наше огромно задоволство, ја почнавме и изградбата на новата величествена црква во градот Кавадарци, посветена на светата преподобна Петка, која во блиска иднина, сигурно ќе биде место за духовно и културно воздигнување и напредување на православните верници од овој македонски регион.

Повардарската Епархија, заедно со Хуманитарната организација „Ѓаконија“, со Божја помош и закрила, и се разбира со несебичното помагање на повеќе благочестиви христијани, преку нивните донации и дарувања, континуирано ги одржуваше Црковно-народните кујни во Велес и Скопје, каде, секојдневно се нахрануваа стотици наши сиромашни браќа и сестри. Во годината што претстои, очекуваме да бидат пуштени во употреба и реосветени црквите „Света Богородица“ и „Света Петка“ во Велес, кои сигурно ќе бидат местата, каде Велешани ќе може да ги остваруваат своите духовни потреби. Повардарската епархија, исто така, и оваа година предадено работеше во поглед на издавачката дејност, задржувајќи го континуитетот на своите редовни и периодични весници, списанија и книги со извонредна духовна содржина.

На крајот, возљубени наши духовни чеда, би сакал, како ваш духовен пастир, да ви посакам во мир, љубов, радост и меѓусебно разбирање да ги прославите Божикните празници. Ве повикувам преку овие вечни доблести да напредуваме сложно како македонски народ. Да се вежбаме во верата, љубовта, надежта и побожноста и да ги прифатиме нив како основни критериуми во нашиот живот. Врз основа на овие доблести сè во животот да градиме, заклучуваме и проверуваме. Постојано да се угледуваме на вечниот Богомладенец, на родениот од Пресвета Дева Марија. Да бегаме од гревот, да не престојуваме во него. Да се уподобуваме на Христа во сè. Па така прочистени и преобразени да воскликнеме заедно со ангелите: „Слава Му на Бога во височините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“. Со просветена совест и чисто срце од длабочината на нашата душа да можеме да речеме: „Радувај се вселено, зашто Христос се роди!“

Навистина се роди!


Митрополит Повардарски
†Агатангел (Станковски)

На Божик, 2010/2011 лето Господово

АНКЕТА »

Дали се согласувате улицата 8 Септември да биде пешачка зона oд Сармаале до Коњаникот?

Резултати

ПРИЈАТЕЛИ »